Погребани членовите на ДНК кои загинаа во пожарот во Кочани

од Даниел Ѓорѓиевски
281 прегледи

Членовите на бендот ДНК, кои трагично загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска беа погребани на различни локации низ земјата.

Пејачот на бендот, Андреј Ѓорѓиески, беше погребан на градските гробишта Бутел во Скопје, каде што присуствуваа неговото семејство, пријатели, македонски уметници, пејачи и музички колеги. Погребот се одржа во 10 часот.

Членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска, беше погребана на гробиштата во Лисиче. Последното збогување со неа се одржа во 12 часот.

Младиот музичар од Струмица и тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев, беше погребан на градските гробишта во Струмица. Неговите посмртни останки беа изложени во Градската капела од 12 часот, додека претходно, во 10 часот, вработените во музичкото училиште одржаа комеморативна седница во негова чест.

Во штипско Ново Село, телата на Филип Стевановски и Александар Коларов, исто така членови на бендот, беа изложени во црквата од 9 до 11 часот. Во исто време, телото на Александар Ефремов беше изложено во црквата „Света Троица“ во Штип, каде што семејството, пријателите и колегите му оддадоа последна почит.

Македонската музичка сцена загуби млади и талентирани уметници, чија музика ќе остане запаметена.

Слични содржини