Скопската православна епархија при МПЦ – ОА попладнево соопшти дека владиката г.г. Стефан не донел одлука за забрана за одржување погреби на денот Свети Никола, првиот ден на Божик и Велигден, како и на Задушница.
-По барање на дел од свештенството од Скопската епархија да не се извршуваат погребенија на празникот на светиот Николај Чудотворец, во саботите на Духовденската и Митровденската задушница, и на првиот ден на Божик и Велигден, беа остварени средби со раководството на АД Бутел, на коишто се разговараше за таа можност. Но, конечно, таква одлука не беше донесена, стои меѓу другото во соопштението од Скопската православна епархија.
Се додава дека поради одредена меѓусебна некоординираност, од некого било погрешно пренесено дека таква одлука има и оти веќе на 19-ти декември не треба да се извршуваат погребенија.
-Како последица на тоа дојде до несаканите случувања. Затоа, уште еднаш истакнувајќи дека за тоа беше само разговарано, а не и одлучено, известуваме дека погребенијата ќе продолжат да се извршуваат секојдневно, како, впрочем, и досега, појаснуваат во соопштението.