Погребот на Навални е најголемиот митинг на опозицијата во последните години, уапсени 56 лица

од Vladimir Zorba

Најмалку 56 лица се уапсени денеска ширум Русија на собири по повод погребот на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, објави на Телеграм невладината организација за човекови права ОВД-Инфо. Според организацијата, апсења биле регистрирани во 14 градови.

Најмалку 14 лица, меѓу кои и локалниот советник Антон Картавин, беа уапсени во Новосибирск откако положија цвеќе во чест на Навални. Во Екатеринбург се регистрирани десет апсења.

Во Воронеж беа уапсени и десет лица, кои беа на пат за Москва на погребот на Навални. Сите, освен координаторот на локалниот политичар Борис Надеждин, набрзо биле ослободени од полицијата, објави порталот Медуза.

Најмалку шест лица се уапсени во Москва, меѓу кои и Андреј Морев, заменик-претседател на московскиот огранок на партијата Јаблоко, кој беше уапсен во метрото по враќањето од погреб. Морев подоцна беше ослободен.

Новинарот Василиј Полонски беше уапсен на гробиштата Борисов, каде што Навални беше погребан по погребот во блиската црква.

Би-Би-Си наведува дека собирот на луѓе на погребот на Навални е најголемиот собир на опозицијата во Русија од јануари 2021 година, кога се одржаа протести поради неговото апсење.

Дописникот на Би-Би-Си вели дека фактот што Кремљ дозволил собирот да се одржи сугерира дека бил загрижен за тоа што би можело да се случи ако на семејството не му биде дозволено да го погреба телото или ако ожалостените бидат уапсени надвор од црквата или на гробиштата.

Исто така, можно е властите да не ја сфатиле погребната церемонија како преголема закана, јави дописникот на Би-Би-Си.

Еден од московјаните кој дошол на погребот рекол дека се чувствува добро во друштво на истомисленици и дека „не е морничаво кога сме заедно“.

„Дојдовме да оддадеме почит на личноста која не се плашеше од ништо“, додаде тој.

Друг истакна дека е важно да се видат луѓе кои се согласуваат дека тоа што се случи е страшно.

„Навални е личноста која ме заинтересира за политика, инспирираше многу луѓе“, вели друг.

Илјадници луѓе присуствуваа на погребот на Навални денеска во Москва и покрај предупредувањата од властите дека собирите се забранети.

Најпознатиот руски опозиционер почина на 16 февруари во затвор во Арктичкиот круг.

Слични содржини