Покетино бесен поради скандалот во тимот на Челси

од Vladimir Zorba
213 прегледи

Менаџерот на Челси, Маурисио Покетино требаше да биде радосен по убедливата победа од 6:0 над Евертон, но наместо да го прослави извонредниот учинок на Кол Палмер со четири гола, Аргентинецот беше бесен што неговите играчи се тепаат на теренот.

Челси имаше предност од 4:0 по хет-трикот на Палмер во првото полувреме и еден гол на Николас Џексон, кога беше досуден пенал по прекршокот над Нони Мадуек. Џексон и Мадуек се расправаа за тоа кој треба да го изведе пеналот, што беше потврдено по прегледот од видео судискиот систем-ВАР, додека стартерот Кол Палмер стоеше покрај нив. Потребна беше интервенција на капитенот Конор Галагер, кој ги турна двајцата играчи, ја зграпчи топката и му ја даде на Палмер, кој реализираше за 5:0.

„Фудбалерите знаат дека тој што ги изведува пеналите е Палмер. Многу сум разочаран од ситуацијата“, им призна на новинарите по мечот Маурисио Покетино и додаде: „Ситуацијата што ја испративме кон сите што не гледаа – сакам да се извинам. Не можете да се однесувате така и да мора да зборувате за тоа по толку неверојатен натпревар е срамота. Играчите мора да покажат дека се гладни за гол , но не во таква ситуација, нема да го прифатам тоа повторно, ветувам“.

Покетино го пофали Галагер за неговата интервенција и не остави никаков сомнеж на инволвираните играчи дека одат по тенок мраз.

„Понекогаш за младите играчи, личните работи доаѓаат пред тимот, но тие мора да знаат дека мора да се претстават добро за тимот и брзо да научат. Тоа се работи што ги земаме предвид за следната сезона. Ако не научат, тогаш Ќе донесеме некои одлуки. Кога ќе ме прашате зошто немаме доследност или понекогаш не настапуваме на ниво, тоа е поради стандардите и тие мора брзо да научат бидејќи барањата се многу високи“, прокоментира менаџерот на Челси.

За настапот на Кол Палмер, Покетино рече: „Тој имаше квалитет да постигне гол кога беше во Манчестер Сити, но мислам дека начинот на кој се прилагоди на нас е фантастичен“.

Палмер се израмни со Ерлинг Халанд за најдобар стрелец во Премиер лигата со 20 гола.

„Тој беше неверојатен за тимот, за себе и тоа покажува дека клубот ја донесе вистинската одлука кога го доведе. Генерално, јас сум задоволен од играта. Покажавме поинаков пристап од оној против Шефилд Јунајтед, се подобривме во различни области и тоа беше совршен натпревар“, заврши Маурисио Покетино.

Слични содржини