Покрената истрага во САД откако доверливи мејлови по грешка биле испратени до сојузник на Русија

од Stefanija Kuzmanovska
283 прегледи

Американското министерство за одбрана покрена истрага откако мејлови со доверливи информации беа испратени до блискиот сојузник на Русија, западноафриканската држава Мали, наместо до американската војска за која биле наменети, само поради грешка при пишување.

Е-поштата биле наменети за американската војска, која го користи доменот „.mil“. Меѓутоа, буквата „i“ била пропуштена, па пораките наместо тоа отишле во западноафриканската нација Мали. Официјални лица од одбраната велат дека мејловите не содржеле информации кои би можеле да ја загрозат оперативната безбедност, објави денеска Би-Би-Си.

Официјалните лица рекоа дека грешката вклучувала само мал број пораки испратени до Мали, чиј домен на е-пошта е „.ml“.

„Покренавме истрага откако мал број мејлови по грешка беа препратени на неточен домен на е-пошта“, рече портпаролот на министерството за одбрана.

Портпаролот рече дека мејловите не содржат никакви информации кои би можеле да ја загрозат оперативната безбедност или техничките податоци.

На почетокот на овој месец се појави веста дека исто така милиони американски воени мејлови биле испратени до Мали поради истата печатна грешка.

Се верува дека некои од тие пораки содржеле чувствителни информации, вклучувајќи лозинки, медицински досиеја и маршрути на високи офицери. Мали е една од шесте африкански земји на кои рускиот претседател Владимир Путин им вети бесплатни испораки на жито откако договорот за извоз на жито преку украинските пристаништа на Црното Море истече претходно овој месец.

Мали е и близок руски сојузник поради борците на руската паравоена формација „Вагнер“ распоредени во африканската земја да се борат заедно со армијата против џихадистите. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен претходно оваа недела изјави дека министерот за одбрана, началникот на воздухопловните сили и заменик началникот на Генералштабот на Мали ќе бидат санкционирани поради учество во проширувањето на „Вагнер“ во таа западноафриканска земја.

Слични содржини