Меѓу загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани е и припадник на Министерството за внатрешни работи, вработен во Полициската станица во Пробиштип.
Како што изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, животот го загубил полициски службеник од ПС Пробиштип, кој во моментот бил службено ангажиран, односно постапувал по претходно изготвен план за контрола на угостителски објекти во делот на недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во дискотеката, во која изби пожарот.
Во пожарот во дискотеката во Кочани, кој избувна синоќа, според информациите со кои располагаат надлежните до 11:30 часот загинале 59 лица. Од нив 35 се идентификувани, при што 31 се од Кочани, а четири се од Штип. Распишана е централна потерница за четири лица, во врска со пожарот.