Полицијата го истражува вандализмот врз индиската амбасада во Загреб, сепаратисти презедоа одговорност

Полицијата продолжува со криминалистичката истрага за пронаоѓање на сторителите кои во ноќта кон четвртокот ја вандализирале Амбасада на Индија во Загреб, соопшти Полициска управа Загреб.

од desk4
12 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Digital Walk101

Според полицијата, утрово околу 8 часот е пријавено дека на неутврдено време во текот на ноќта, едно или повеќе лица со црна боја испишале графити на информативната табла и оградата на амбасадата, а била истакната и знаме во жолто-сина боја. По пријавата, полициски службеници веднаш излегле на терен, извршиле увид и ја обработиле локацијата, а истрагата продолжува со цел идентификација на одговорните.

Од Министерство за надворешни и европски работи на Хрватска најостро го осудија вандализмот. Во соопштението се наведува дека министерот Гордан Грлиќ Радман разговарал со индискиот амбасадор во Хрватска Арун Гоел, нагласувајќи дека Владата го третира случајот со најголема сериозност и дека секое нарушување на неповредливоста на дипломатските мисии е неприфатливо и спротивно на меѓународното право.

Претходно, Министерство за надворешни работи на Индија соопшти дека „антииндиски елементи“ неовластено влегле во просторот на амбасадата и побара од хрватските власти сторителите да бидат повикани на одговорност, потсетувајќи дека дипломатските објекти, согласно Виенската конвенција, се неповредливи и мора да бидат заштитени.

На социјалните мрежи се појави видео во кое одговорноста за инцидентот ја презема организацијата Sikhi for Justice (SFJ). Во снимката, нивниот лидер Гурпатвант Синг Панун ја прикажува штетата на амбасадата, вклучително и пораки испишани со спреј, како и спуштање на индиското знаме и истакнување на знаме поврзано со сепаратистичкото движење Калистан.

 

Панун, кој е поборник на движењето Калистан за создавање независна држава за Сиките, во пораката ги обвини индиските власти за прогон и етничко чистење во регионот Панџаб.

Сиките се припадници на религија настаната во 15 век на индискиот потконтинент, а значителен дел од нив денес живеат во Соединети Американски Држави, Обединето Кралство и Канада.

Од хрватското МНР истакнаа дека Хрватска останува една од најбезбедните земји во светот и дека е цврсто посветена на обезбедување на сигурност и заштита на целиот дипломатски кор во земјата.