Полицијата уапси повеќе од 50 лица по Парадата на гордоста во Истанбул

од Vladimir Zorba
343 прегледи

Турската полиција уапси најмалку 50 лица во неделата откако ЛГБТ заедницата во Истанбул ја одржа својата годишна Парада на гордоста.

Владата предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП) со исламистички корени ја заостри својата политика кон слободите на луѓето од ЛГБТК+ заедницата. По неговата победа во вториот круг од претседателските избори минатиот месец, Ердоган ги обвини опозициските партии дека се „про-ЛГБТ“.

Во неделата, полицијата го блокираше пристапот до авенијата Истиклал, традиционалната рута на Парадата на гордоста, како и до централниот градски плоштад Таксим. Околните патишта исто така беа затворени, а јавниот превоз во областа беше суспендиран. Стотици луѓе со знамиња од боите на виножитото и движењето на трансродовите се собраа во неделата попладне во паркот Мистик во областа Шишли.

Тие извикуваа слогани додека организаторите читаа изјава за одбележување на Неделата на гордоста. Полицијата приведе повеќе од 50 лица по поворката, соопштија организаторите. Канцеларијата на Амнести интернешнал во Турција објави дека најмалку едно лице се здобило со повреди на главата додека било во притвор.

Организаторите рекоа дека Ердоган веќе и го свртел грбот на нивната заедница. „Не ја прифаќаме оваа омраза и политика на отфрлање“, се вели во соопштението за печатот на Неделата на гордоста на ЛГБТИ+ Истанбул.

Хомосексуалноста не е кривично дело во Турција, но нетолеранцијата кон неа е широко распространета. Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, твитна овој месец дека нема да биде дозволена каква било активност што ја загрозува традиционалната семејна структура.

Слични содржини