Обвинителството од Франкфурт потврди дека истрагата е насочена против раководители и вработени во банката, која наводно соработувала со странски компании користени за перење пари, објави Financial Times.
Рацијата е спроведена само еден ден пред објавувањето на годишните деловни резултати, на кои се очекуваше главниот извршен директор Кристијан Зевинг да извести за најголема добивка на банката во последните неколку години. Истрагата, според оценките, веројатно ќе ја засени таа објава.
Обвинителите соопштија дека идентитетите на лицата опфатени со истрагата засега не се познати. Во акцијата била вклучена и германската сојузна криминалистичка полиција, која извршила претрес и на локација во Берлин. Од Deutsche Bank изјавија дека целосно соработуваат со државното обвинителство, но одбија да дадат дополнителни коментари.
Според извор запознаен со случајот, истрагата опфаќа трансакции извршени меѓу 2013 и 2018 година. Во фокусот се можни пропусти во системот за спречување перење пари во рамките на банката, а тие се поврзуваат со поранешен истакнат клиент, рускиот милијардер Роман Абрамович.
Истражителите проверуваат дали банката со задоцнување поднела една или повеќе пријави за сомнителни активности поврзани со компании на Абрамович, кој од 2022 година е под санкции на Европска унија. Deutsche Bank одби да ја коментира оваа поврзаност. За неа првично извести весникот Süddeutsche Zeitung.
Банките се законски обврзани без одложување да ги пријавуваат сомнителните трансакции до надлежните институции, а за пропустите се предвидени високи парични казни. Deutsche Bank и во минатото плаќала казни поради задоцнети пријави за перење пари и до крајот на 2024 година била под засилен надзор на германскиот финансиски регулатор BaFin.
Денешниот претрес потсетува на големата рација од 2018 година, кога околу 170 полицајци запленија документи во рамки на истрага поврзана со offshore-единицата на банката на Британски Девствени Острови. И таа истрага го опфати периодот од 2013 до 2018 година и подоцна беше запрена поради недостиг од докази против вработените, но банката беше казнета со 15 милиони евра поради слабости во системот за контрола. Случајот тогаш ја разниша довербата на инвеститорите и поттикна обемно реструктурирање на банката под водство на Зевинг.
По објавата за најновата истрага, вредноста на акциите на Deutsche Bank падна за 3,3 отсто.