Поликлиниката „Букурешт“ остана без струја, пациентите се враќаат

од desk2
448 прегледи

Хаос во поликлиниката „Букурешт“. Поради дефект на трафостаницата втор ден објектот е без струја. Не може да се вршат прегледи, ниту да се издаваат упати и рецепти. Пациентите се препраќаат во други здравствени установи. Дијабетичарите кои дошле по инсулин се приморани да одат во поликлиниката Бит Пазар.


Граѓаните револтирани што надлежните не ги информирале навремено.

„Сакав да направам екг но не може“,
„Дојдов да земам инсулин, ме испратија во болницата на Бит пазар, не знам што е проблемот“,
„Денес не завршив работа, се е компјутерски…“, велат анкетирани граѓани.

 

Од здравствен дом – Скопје без конкретен одговор кога ќе се реши проблемот. Велат екипи се на терен и се работи на санирање на дефектот. Закажаните прегледи пациентите ќе ги реализираат во други поликлиники. Отворени се телефонски линии за информирање.

„Саботното дежурство на специјалистичките служби ќе се реализира во поликлиниката Битпазар од 8 до 16 часот. За реализацијата на прегледите, граѓаните и пациентите може да се информираат на телефонските броеви: 075 369 575; 070 350-758 или лично во поликлиниката Букурешт“ – Злате Мехмедовиќ – директор на Здравствен Дом – Скопје

Без струја вчера останала и службата за итна медицинска помош, но дефектот таму е веќе саниран.

„Се уште останува дефектот кој е кон поликлиника „Букурешт“, значи се работи за подземен кабел кој, како што ни кажаа, поради временските услови е во дефект и работиме на санирање на тој проблем“, вели Милица Бубало – Раководителка на Служба за итна медицинска помош

Поликлиниката „Букурешт“ прима најголем број на пациенти годишно во споредба со останатите поликлиники во Скопје. Дневно околу 1.500 пациенти бараат здравствени услуги во оваа установа./24 Vesti