Иако екс-претседателот Стево Пендаровски демантира дека планира да формира своја партија со која би настапил на следните парламентарни изобри, дел од јавноста ја поставува дилемата дали екс-шефот на државата може да го обедини опозициското расположение во државата…За дел од политичките аналитичари, Пендаровски е човекот кој ѝ е потребен на државата во вакви кризни моменти на економски план, но и на надворешен, со оглед на новата геополитичка ситуација во светот. Според поранешниот министер и еден од основачите на СДСМ, Ѓунер Исмаил, поранешниот претседател на државата на функцијата која беше во четиригодишниот мандат, во извесна смисла ѝ го врати достоинството и местото, која според Уставот ѝ следува.
-Тој е личност што има доволно авторитет и позитивна репутација за да може да биде активен во политичкиот живот на земјата. Такви политичари ѝ се потребни на Македонија и тој е еден од релевантните за да можеме да се фатиме во костец со целата нова геополитичка ситуација во светот, вели Исмаил за „Локално“.

Фото: Ѓунер Исмаил-Принтскрин/Јутјуб
Соговорникот нема сомнение дека е потребно политичко прегрупирање на македонската политичка сцена, со оглед на тоа што, како што вели, ниту владејачкиот ниту опозицискиот блок можат да се повикаат дека се релевантни и дека се конструктивни во формулирањето на позицијата на земјата, на надворешен и внатрешен план.
-Политичките партии се кадровски прилично проблематични, а како второ, голем дел од нив не се растеретени од надворешни влијанија кои што можат да допираат многу далеку или многу блиску или многу длабоко, па во таа смисла, освежувањето и освестувањето треба да следи и да се формира позиција која што ќе биде свесна дека е потребно освестување. Во оваа геополитичка ситуација, ние влегуваме со крајно слаби политички позиции. Економски не сме фактор кој што може да биде влијателен, но не сме ниту во состојба да одговориме на локални предизвици, а камоли актуелни во светот. Едноставно, оваа закоченост и зачмаеност која се претставува како врвно достигнување на политиката, оваа земја може да ја чини многу скапо, потенцира Исмаил, нагласувајќи дека во секој случај, личности како Пендаровски ѝ се потребни на оваа земја.
Со сличен став е и политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски. Како што вели, Пендаровски има сила и моќ да го обедини опозициското расположение, бидејќи низ годините се покажало дека е додадена вредност на изборните циклуси, неговото учество во гласови, кога станува збор за сега опозициската партија СДСМ. Односно, додава Атанасоски, многу повеќе и значително освојувал гласови од партијата.
-Што се однесува до шпекулациите од одредени медиуми, се поставува прашањето дали се тоа шпекулации намерно пуштени од кујните на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за создавање привид во јавноста дека опозицијата и понатаму ќе се дели и цепка, посочува Атанасоски за „Локално“.

Фото: Локално
Соговорникот цени дека е потребна нова партија, но не од типот на НСДП или ЗНАМ, која, како што вели, ќе биде за еднократна употреба, туку ќе биде создадена од автентични политички актери, со конкретна цел, идеолошка платформа и програма.
-Која ќе се наметне како алтернатива и на власта и на опозицијата , односно која ќе може да ја извади Македонија од политичкото мочуриште. Но ниту се гледа таква на политичкиот хоризонт, ниту пак македонскиот електорат е спремен во овој даден момент да гласа за таква, наведува аналитичарот.
Атанасоски е дециден дека екс-претседателот е доволно политички искусен и зрел, да знае која политичка одлука да ја донесе за во иднина, се разбира доколку се одлучи, да се реактивира и репозиционира, повторно на македонската политичка сцена.
-До тогаш, би било неумесно и непристојно да се шпекулира со неговото име во разни политички контексти и политички комбинаторики , без тој да го даде својот став по односната тема, нагласува соговорникот.
Поранешниот претседател и актуелен професор претходно во текот на денот, ги демантираше гласините дека ќе формира свој политички субјект. Претходно, одредени медиуми објавија дека Пендаровски остварува средби и консултации со соработници и јавни личности со цел креирање нова политичка платформа за настап на избори.
„ Се работи за шпекулација излезена од лабораторијата на власта во која моето име е сосема свесно злоупотребено во контекст на нивната пропаганда против најголемата опозициска партија СДСМ. Познавајќи ги добро, сигурен сум дека ова нема да им биде последен таков обид“, изјави Пендаровски за „Локално“.
Пендаровски беше претседател од 2019 до 2024 година кога загуби од Гордана Силјановска Давкова кога беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Н.П.