Ако станам градоначалник, никогаш нема да кажам јас направив, затоа што прават граѓаните со своите пари. Ние само ќе ги менаџираме парите на граѓаните, изјави Александар Тортевски од „Твоја партија“, кој ќе се кандидира за градоначалник на град Скопје.
Тој наведува дека Скопје е сиромашен град со годишен буџет од 120 милиони евра.
-Нема да седнам во службена кола, туку ќе си се возам со својата. Мораме да ги трошиме парите рационално и затоа ќе вработам само тројца во општината, ако ја добијам довербата на граѓаните, вели Тортевски во гостувањето на дневникот на ТВ Сител.
Адвокатот смета дека службениците треба да бидат слуги на народот.
-Четири години од сопствениот живот да потрошат во функција на граѓаните. Не првпат во животот да седнат во службена кола и секој втор ден да одат на ручеци. Па еве, видете, сите политичари речиси, еден нема што не качил 20 кила откако ќе седне на функцијата зашто достапни му се кафаните, рече Тортевски во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител, додавајќи дека доколку тој стане градоначалник веднаш ќе поднесе оставка доколку се докаже дека со градски пари платил барем еден ручек.