Политичка игра за името на државата: Судбината на Резолуцијата неизвесна

од desk4
466 прегледи

Власта и опозицијата на различни страни за Резолуцијата за „црвените линии“ за македонскиот јазик и идентитет во преговорите со Бугарија. За првите, во Резолуција треба да стои уставното име Република Северна Македонија, за вторите пак, во Резолуцијата се цитираат документи донесени, додека уставното име на државата беше Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ очекува Резолуцијата која до Собранието ја поднесоа минатата недела да се најде на една од наредните седници, на 15 или 22 јули.

Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски за „Локално“ вели дека со денешната изјава на премиерот Зоран Заев, дека е неприфатлива Резолуција во која не се употребува уставното име во истата, завршила играта на добриот и лошиот полицаец меѓу СДСМ и ДУИ.

– Дали зборуваме за изјавата на Зоран кој пред една недела рече дека Резолуцијта е прифатлива ваква како што е или, пак, за денешната изјава на Заев каде што вели, дека за владеачкото мнозинство е неприфатлива Резолуцијата затоа што не се употребува уставното име. Во Резолуцијата се цитирани два документи. Првиот, резултатот од Референдумот на Република Македонија одржан на 8 септември, (излезена во службен весник 91, 43/91) и вториот, Декларацијата за развој на односите на РМ со ЕУ усвоена во Собранието на 4 февруари 1998 година (во Службен весник 7/98), кога Уставното име на РМ било цитирано. Документите секогаш се пишуваат во оргинална форма, во изворна форма. Ако мисли да ја прекрстува РМ уште од 91 уште од Референдумот одржан од граѓаните на РМ, може да го толкува како сака. Развојот на настаните ќе го видиме на седница на која на дневен ред ќе се најде Резолуцијата, вели координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Заев денеска рече дека нема да партиципира во намерата на некој кој сака да го избегне уставното име.

-Ако некој сака да го избегне уставното име нa Република Северна Македонија нека го прави тоа сам, ние нема да партиципираме. Во нашиот Устав не пишува дека ние сме Република С. Македонија, ние сме Република Северна Македонија. Граѓаните за тоа прашање се изјаснија на Референдум и согласно Уставот 2/3. Парламентот во една дискусија од 130 дена три пати гласајќи ја донесе одлуката за ново уставно име, со тоа што на името Република Македонија се додаде зборчето Северна и тоа е дел од Преспанската спогодба што е закон веќе, а истовремено и дел од нашиот Устав, рече Заев.

Неодамна во интервју, универзитетската професорка по македонски јазик, Елизабета Бандиловска на прашање за Резолуцијата, за „црвените линии“ рече дека е наметнато политичко прашање.

-Лично како македонист кој што го предава македонскиот јазик сметам дека мене лично не ми е потребна една таква Резолуција, затоа што „црвените линии“ се дел од мојата професија, се дел од мене, формирани се уште многу одамна уште во текот на моето студирање, во текот на мојата професија и верувам дека сите лингвисти, сите македонисти и сите оние што се посветени на македонскиот јазик и култура сметаат дека тоа е дел од самите нас како единки. Од друга страна би ја поддржала или, еве ја поддржувам затоа што покажува, во овој момент, еден процес на обединување, нешто што кај нас во нашето општество недостасува, рече Бандиловска.

И.Т.

Слични содржини