Бавното темпо на медиумските реформи, силното политичко влијание, економската ранливост и растечкото присуство на дезинформации, сериозно ја поткопуваат довербата на јавноста во медиумите во Северна Македонија. Ова е главниот заклучок од најновиот Извештај од сенка за слободата на медиумите, кој денеска беше презентиран во Европска куќа во Скопје, од страна на Фондацијата Метаморфозис и Osservatorio Balcani Caucaso Transeuropa (OBCT).
„Независните и слободни медиуми се клучен елемент за стабилна демократија. Ситуацијата во Северна Македонија е слична со онаа во повеќе земји од ЕУ и земјите-кандидати“, рече Серена Епис од OBCT, нагласувајќи ја потребата од соработка и размена на информации меѓу сите засегнати страни.
Зоран Ричлиев од Фондацијата Метаморфозис посочи дека политичките притисоци, економската несигурност и дезинформациите се главни фактори за ниската доверба на јавноста во медиумите, a, пак, Горан Ризаов, раководител на програмата Информациски и медиумски интегритет, предупреди на проблемите со ниските новинарски плати, нестабилните работни односи и неусогласената регулатива.
Извештајот содржи и препораки до македонските власти и до институциите на ЕУ за преземање решителни чекори во насока на унапредување на медиумските слободи во согласност со европските и меѓународните стандарди.
Настанот беше заокружен со панел-дискусија на тема „Дали македонските медиуми можат да ја исполнат улогата од јавен интерес“, на која говореа Снежана Трпевска од институтот РЕСИС, и Милан Спировски од Здружението на наовинарите на Македонија (ЗНМ).
Трпевска говореше за честите измени на законската регулатива, како на пример Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, како и последните измени на Законот за медиуми. Во однос на Законот за аудио-визуелни медиумски услуги таа посочи дека тој до сега е сменет најмалку 15 пати, и содржи голем број недоречености.
Според нејзе, ако е толку важна регулативата тогаш е потребно да се внимава и на начинот на кој се носат и прават законите.
Според Спировски од ЗНМ, пак, правната рамка е „речиси добра“, но се каска со нејзиното спроведување посочувајќи дека само 10 проценти од пријавите од страна на новинари добиле судски епилог во изминативе пет години.
Овој извештај е дел од иницијативата Media Freedom Rapid Response, европски механизам кој следи и реагира на прекршувања на медиумските слободи во ЕУ и земјите-кандидати, и е поддржан од проектот „Транснационално застапување за слобода на информирање на Западен Балкан – ATLIB 2“, кофинансиран од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка.
Автори на извештајот се Серена Епис од OBCT, и Зоран Ричлиев и Горан Ризаов од Фондацијата Метаморфозис.
Извештајот на англиски јазик може да се види овде: https://metamorphosis.org.mk/wp-content/uploads/2025/07/shadow-report-freedom-of-media-north-macedonia_final-1.pdf