Вицепремиерот на Бугарија и министер за одбрана Красимир Каракачанов со вчерашниот објавен список на политичари од С.Македонија за кои вели дека имаат бугарски државјанства предизвика лавинана од реакции.
Каракачанов e „политички забавувач“
Претседателот Стево Пендаровски, вечерва во „Клик Плус“ на ТВ21 го нарече Каракачанов „политички забавувач“, и рече дека медиумите премногу му даваат до значење и му посветуваат внимание.
„Мислам дека на тој господин му се дава многу простор компарирано со неговата политичка релевантност. Секоја негова изјава се пренесува како ударна вест и тука и во Бугарија. Не мислам дека неговото политичко портофлио или идеали заслужуваат толку внимание. Сега пред да влезам во емисијава, видов некој стил, дека не кажал така или само имиња. Гледајте, јас не би се бавел со тие политички забавувачи кои ги има во политиката. Јас би се бавел со оние кои се сериозни како претседателот Радев премиерот Борисов“, изјави Пендаровски кој призна дека пред извесно време имал долг разговор со претседателот Радев на различни теми.
„Лага е дека имаме бугарско државјанство“ велат дел од политичарите откако вицепремиерот на Бугарија на својот фејсбук профил објави список на имиња какви што имаат високи вмровски функционерикои се запишани на избирачките списоци.
За Александар Пандов од ВМРО ДПМНЕ, објавата на неговото име во списокот на Каракачанов е голема навреда.
„Тоа е ноторна лага, за која што се колнам во крвта моја Македонска дека немам никаква друга патна исправа освен македонска. По што Каракачанов може да се заколне дека тоа што го пишува е точно? Тој слободно од позиција на министер за одбрана има можност да го прикаже моето барање за државјанство или мојата патна исправа или било каков документ надвор од македонски и нека докаже дека тоа е така. Јас разбирам дека на Заев и Шекеринска во моментов им горат ушите во Македонија и дека не им стојат добро работите, особено што видовме колку милиони евра се обиделе преку вакцини да исперат. Меѓутоа, срамно е и подло, пониско не може да биде на ваков начин да се обидат да ме дисквалификуваат мене. Јас не можам да тврдам за сите и дел од запишаните луѓе не ги знам, а дел и ги познавам. Но, јас за мене тврдам и повикувам било кој, не само од Бугарија, да објави дека имам поднесено барање, а не па, друг документ освен македонската патна исправа. Поголема навреда за мене не може да постои од ова“, истакна Пандов за „Локално“.
Веројатно на бугарските политичари им пречи што се обдиувам да ги бранам македонските национални интереси, вели Стефан Андоновски од ВМРО ДПМНЕ.
Лагите кои ги шири бугарскиот министер за него нема ништо да постигне, коментира Петар Богојески од „Македонски концепт“.
-Со овие удбашки методи на црнење на моето име ништо нема да постигнеш, напротив уште повеќе ме мотивираш да ве направам турска туршија или да ве растурам како бугарска скупштина! Со лага не бидуваш ага! Прво започна со лаги дека сум бил твој кадар во Македонија и дека ме финансираш… потоа продолжи со лаги дека сме се познавале многу одамна и дека си ме школувал во Бугарија и си ми давал стипендија… па повторно лаги за средби со тебе на Пироска 5 и мој престој во некои твои апартаменти… па лаги дека имам пасош од 2002 година… па лаги за пасош на Искар… денес лаги дека имам пасош на Обориште… до кога и до каде со вакво поведение бре другарчо Краси?!? Дај еднаш договорете се бугарските болшевици помеѓу себе, кои лаги ќе ги ширите за мене, вака ептен е непријатно да бидете цело време фаќани во лага!, пишува во својот Фејсбук статус Петар Богојески од Македонски концепт.
Македонските политичари одамна се за мајтап
Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во изјава за Сител вели дека Македонските политичари одамна станале за мајтап, откако тој денеска објави листа на имиња слични на македонски истакнати политичари кои имаат двојно државјанство, односно кои поседуваат и бугарски пасош.
Појаснува дека според тамошните закони списоците со имиња на гласачи ги објавуваат самите општини на 40 дена пред одржувањето на изборите.
-Јас си поиграв малку и почнав да ги прегледувам списоците на лицата кои можат да гласаат во Ќустендил, Благоевград, во Софија каде има најмногу регистрирани Македонци со бугарско државјанство. И излегоа тие интересни имиња. Јас како што можете да видите во моето соопштение не сум кажал дека тоа се пратеници или бивши министри на ДПМНЕ. Тие сами се препознаа, но списоците се јавни и информацијата е јавна и вие како македонски новинар исто така можете да влезете на сајтот на општина Ќустендил, Софија, Благоевград и секоја друга општина во Губарија и да ги прегледате списоците на избирачите, За еден од нив кој не е пратеник и кој е најзлогласен, како што се вели, имам 1.000% информација, дури и неговата адреса и матичниот број му ги имам. Но, тоа е друга тема, вели Каракачанов .