Политичките будалаштини на мицковистичкото ДПМНЕ за хрватскиот устав

од Vladimir Zorba

Воопшто не е изненадување новата политичка будалаштина која доаѓа од мицковистичкото дпмне (скратено – мицково дпмне) за Хрватскиот устав и компарациите со нашиот Македонси устав – та, континуирано во овие 5 години откако некои го ставија на таа позиција „лидер“ на неговите следбеници во дпмне (таканаречените мициња) ништо друго освен смешни изјави испреплетени со опасно антимакедонско и антидржавно делување не доаѓа оттаму, од сеуште незапленетата бела палата која во народот е позната и како „белата куќа на злото“. Иако напати се чини дека не е можна нова се поголема и посмешна-поопасна изјава оттаму, се чини дека овојпат се надминаа себеси во нивната политичка будалаштина, во тој модус на мислење кое е речиси бладање, за промена на Македонскиот устав според моделот на Хрватскиот, со единствена и постојана цел – да излажат (во политичка смисла) народ за да се докопаат до власт, седнат на државни фотељи, функции, тендери итн.

Меѓутоа, проблем е што овојпат, за разлика од повеќето претходни политичи будалаштини кои освен потсмев не предизвикува поинаква реакција кај нормален човек, оваа изјава за Хрватскиот устав – медиумски амплифицирана до бескај преку нивните пропагандистички гебелсовско -ждановистички дувла, е многу опасна по самата структурна стабилност на системот на државата и уште повеќе по светот на животот овде. Впрочем, како што секој може да забележи според  првичните реакции на речиси сите политички партии на делот од Албанскиот народ кои живее во оваа држава, наеднаш се создаде натпревар помеѓу нив кој ќе биде порадикален во нови барања за промена на уставот, проследено со етапно креирање на масовна хистерија во однос на меѓунационалните, меѓуетнички односи во државата. Не може сосема сигурно да се утврди дали токму тоа е целта на мицињата, или пак станува збор за уште една обична, веќе вообичаена  смешна изјава на нивниот „лидер“ –  кои тие нели беспоговорно го слушаат и следат, сосе моќните дувла на мицковистичката пропаганда апсолутно доминантна во јавно-политичиот дискурс. Ако можеби е сепак самосвесна и осмислена оваа изјава на нивниот „лидер“ во врска со компарацијата на Хрватскиот со Македонсиот устав, тогаш конечно ова е ултимативниот аргумент во логичното барање до државата таа да пронајде сооодветни модели за политичка анихилација на оваа т.н. партија а во суштина обична група од материјален интерес.

Беспредметно е денес, во 2023 година, повторно да се навлегува во суштината на нашиот устав,  темелно променет во 2001 година со т.н. охридски рамковен договор – па тоа авторот на овој текст и многумина други го правеа додека имаше некаква смисла, макар и мала надеж за објективни можности за ревизија на лошите аспекти од рамковниот договор односно уставот. Со стотици текстови и индуктивно-дедуктивни научни аргументи беше објаснето дека ОРД – уставот од 2001 година не овозможува стабилен економски, општествен, политички и секаков друг вид на развиток на системот, посебно преку клучните определби, пропорционална застапеност и принципот на бадинтер. Веројатно во тоа време мицињата си играле со кукли или нивниот „лидер“ полагал испити кај неговиот татко на машински факултет, којзнае. Меѓутоа, денес, не само што е предоцна за било какво суштинско критикување на ОРД и уставот, туку после последните промени на истиот со преспанскиот договор, кога ОРД се воздигна на исто ниво  со АСНОМ, апсурдно е да се зборува повеќе на таа тема. Уште помалку за оваа тема можат да зборуваат мицињата, кои го извлекоа последниот објективен реал-политички аргумент на Македонскиот народ, или ако сакате според фамозниот но толку вистинит критериум за политиката на Карл Билт – фактите на теренот, тоа е пописот односно бројките од последниот попис. Како што сите знаат во оваа држава, веројатно намерниот и можеби договорен политички хаос кој мицињата го создадоа со пописот – тогаш беа во коалиција со Алијанса на Зијадин Села и Таравари, како и со Беса на градоначалникот наТетово Билал Касами – резултираше со пад на бројките на Македонскиот народ на очајни 54 проценти, наспроти 30 проценти на Албанците во Македонија. Се сеќавате, и ќе остане запишано во историската меморија на Македонскот народ, каков хаос тогаш мицињата создадоа, потпомогнати од некои одлепени од реалноста здруженија од типот бојкотирам и слично. Прво го критикуваа законот за попис и го отфрлија, повикаа на бојкот ако остане истиот закон, потоа почнаа да собираат потписи на пластични штандови во некои градови за нов закон, за нов попис или така нешто, и со тоа Македонците, посебно во дијаспората, ги натераа да го бојкотираат пописот со надеж дека нема да биде валиден и слични глупости на кои, за жал, многумина неинформирани Македонци поверуваа и не се пријавија на пописот. Како објективен резултат на тоа длабоко антимакедонско делување на мицињата, во странство не се вброија многу Македонци- оние кои поверуваа на будалаштините на мицково дпмне, а тие ниту собраа потписи, ниту го поништија пописот, ниту ги проверија резултатите преку фингерпринтот, сомнитено корупциски набавен систем во дик, за што имаше предмет во антикорупциска комисија и жестоки реакции од сегашниот министер за правда а тогаш член на дик.

И сега, после нивното намалување на бројките на Македонците, наеднаш, на мицињата им текнало да бараат Хрватски модел на устав во Македонија, замислете, каков парадокс – оние кои оневозможија историски таков модел на устав – мицињата – сега баараат токму таков устав. Не монти пајтон, бени хил не им е рамен во инвентивноста за засмејување на народот. Се разбира, во меѓувреме, пописните бројки за кои тие – мицињата – имаат најголема политичка и историска вина, ги употребуваат као клучен аргумент сите политички субјекти на Албанците, денес сосема рационално оправдано – дека не може народ со едвај само 54 проценти да бара Хрватски модел на устав односно дистинкција народ/национални малцинства. Помина тоа време и таа можност, мициња, и за тоа сте токму вие политички виновни! Впрочем, секој нормален човек знеа дека било каков сериозен обид за враќање на уставот од пред 2001 одина (според Хрватскиот модел, нели) ќе значи моментно предизвикување на политичка и секаква друга криза која, скраја да е,  може да доведе до нови вооружени конфликти, отцепување на дел од територија на државата, и слични реалистични сценарија. Дали можеби мицињата тоа сакааат да го предизвикаат?

Проф. Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

 

 

 

Слични содржини