Политиките на раст на платата ќе продолжат. Владата и во услови на најголема светска криза продолжува со засилена динамика да работи на зголемувањето на просечната плата, рече премиерот Димитар Ковачевски кој денеска во Собранието одговараше на прашање поставено од пратеничката Даниела Колева од СДСМ.
– Со тоа, покачувањето на платите, пензиите и општо стандардот на граѓаните е она на што ќе останеме доследни и во продолжението на мандатот, потенцира Ковачевски.
Премиерот додаде оти се надевам дека секогаш во иднина кој и да ги предводи економските политики ќе се труди и минималната и просечната плата да растат соодветно со другите економски параметри во државата.
– Согласно статистиките, зголемувањето на просечната плата се должи на финансиските дејности и дејностите на осигурувањето, уметноста, забавата и рекреацијата и објектите за сместување и сервисни дејности. Ова покажува една поздрава кондиција на македонската економија бидејќи од една типично секундарно индустриска и примарно ориентирана држава веќе се движиме кон терцијарниот сектор да го движи зголемувањето на просечната плата, рече Ковачевски.