Земјите од Европската Унија (ЕУ) имаат пет години да се подготват за војна, според воениот план што Европската комисија треба да го презентира денес, а во кој „Политико“ имал увид.
„До 2030 година, на Европа ѝ е потребен доволно силен европски одбранбен систем за веродостојно да ги одврати своите противници и да одговори на каква било агресија“, се наведува во нацрт-планот.
Планот требаше да го разгледаат министрите за одбрана доцна синоќа пред да биде презентиран пред Колеџот на комесари денес.
Планот ќе им биде испратен на лидерите на ЕУ следната недела.
Планот за одбранбена подготвеност за 2030 година е знак за растечката улога на ЕУ во воените работи, реакција на војната на рускиот претседател Владимир Путин во Украина и нејасната посветеност на американскиот претседател Доналд Трамп кон европската безбедност, објави порталот со седиште во Брисел.
„Милитаризирана Русија претставува постојана закана за европската безбедност во догледна иднина“, се наведува во документот, првпат објавен од Блумберг.
Иако земјите од ЕУ брзо ги зголемуваат своите буџети за одбрана, голем дел од тие трошоци „останува претежно национални, што доведува до фрагментација, инфлација на трошоците и недостаток на интероперабилност“, се наведува во документот од 16 страници.
Извршното тело на ЕУ ги охрабрува земјите-членки да купуваат оружје заедно и сака најмалку 40 проценти од купувањата на одбранбена опрема да бидат заеднички договори до крајот на 2027 година.
Патоказот, исто така, поставува цели најмалку 55 проценти од купувањата на оружје да бидат од компании од ЕУ и Украина до 2028 година и најмалку 60 проценти до 2030 година.