Украинскиот претседател Володимир Зеленски сака да ја придобие американската администрација на страната на Украина пред какви било мировни преговори со Русија, користејќи го рудното богатство на Украина како потпора, пишува денеска „Политико“.
Зеленски на Телеграм напиша дека ќе биде многу зафатен со дипломатски активности во наредните недели, наведувајќи дека ја цени соработката со Трамп.
Годишната Минхенска безбедносна конференција започнува следната недела, а на неа ќе присуствуваат Зеленски, како и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и специјалниот пратеник на Трамп за Русија и Украина, Кит Келог, пренесува „Танјуг“.
Трамп претходно најави намалување на американската помош за Украина, но неодамна изјави дека е отворен за договор со Киев под услов Украина да ги отстапи своите минерални ресурси, вклучително и руди на ретките минерали.
Зеленски во петокот во интервју за „Ројтерс“ рече дека е отворен за идејата да им се дозволи на САД пристап до рудното богатство на Украина.
„Американците помогнаа најмногу, и затоа Американците треба да заработат најмногу… Би сакал да разговарам за ова и со претседателот Трамп“, рече Зеленски.
Тој додаде дека идејата не е само да се предадат ресурсите на САД, туку и заеднички да се развиваат понатаму.
Зеленски, исто така, рече дека Украина е подготвена да увезува течен природен гас (ЛНГ) од Соединетите држави, како и да биде центар за негова испорака до цела Европа.
Трамп во петокот рече дека најверојатно ќе ја одржи својата прва средба со Зеленски следната недела и дека планира да разговара со Путин и за војната во Украина.