Здружението на новинари вечерва соопшти дека го осудува односот на униформираниот службеник од затворот Скопје во Шуто Оризари кој истурка новинари и сниматели и ги попречи во вршењето на нивната работа при излегувањето од притвор на екс директорот на УБК Сашо Мијалков вечерва пред затворот.
„ЗНМ ќе повика и на одговорност од страна на МВР како и Директорот на затворот за крајно непримерниот и недозволив однос од страна на униформираниот службеник кон новинарските екипи на ТВ Клан и А1он“, соопштија од ЗНМ.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, вечерва го напуштил истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, кратко после 19 часот, откако Апелација денеска му го укина притворот, кој пред една недела му беше одреден за случајот „Плацови на Водно“.
„Не бегам бе, зошто да бегам“, кратко изјавил Мијалков на излегување, на прашање на новинарите, пред да влезе во автомобилот, со кој си заминал.
Автомобилот на Мијалков, заедно со неговото обезбедување, биле паркирани пред главниот влез на затворот.