Охридската полиција денеска информираше дека извршиле разговор со лицето Г.И.(47) од Охрид што вчера ја искрши таблата со името на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“.
-Притоа, констатирано е дека тој е сторител на кривичното дело „оштетување”, извршено на рекламна табла со натпис „Цар Борис III” поставена над објектот од здружението лоцирано во трговскиот центар „Амам” на булеварот „Македонски Просветители” во Охрид, соопшти СВР Охрид.
Од таму додаваат дека во врска со делото, предвидено во член 243 од Кривичниот законик, а во консулатација со Јавен обвинител, СВР Охрид до здружението ќе испрати известување заради нивно натамошно постапување.
Просторот пред овој центар во петокот беше сцена на демонстрации на граѓани, кои извикуваа „Татари“, „фашисти“, „нацисти“ и протестираа поради именувањето на ова здружение по царот Борис Трети. Протестот беше со поддршка на Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Речиси сите политичари го осудија отворањето на клубот под ова контроверзно име.