Половина од граѓаните сметаат дека меѓународната заедница треба да ни ги избира судиите

од Vladimir Zorba
188 прегледи

Половина од граѓаните сметаат дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во процесот на избор на судии и обвинители, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 47,8 отсто од граѓаните сметаат дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во процесот на избор на судии и обвинители додека 36,1 отсто сметаат дека не треба.

Според етничката структура и Македонците и Албанците во мнозинство сметаат дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во процесот на избор на судии и обвинители, со таа разлика што кај етничките Албанци потребата ја истакнуваат 62,4 отсто, а кај Македонците 42,7 отсто.

Резултатите од анкетата покажуваат дека 50,9 проценти од анкетираните се на ставот дека во одредени судски процеси од висок профил треба да бидат вклучени и обвинители од странство, додека 35,1 процент сметаат дека не треба. Разликата во ставовите според етничката структура на анкетираните и тука е идентична како и на претходното прашање.

Над три четвртини од граѓаните или 78,6 отсто сметаат дека треба да се направи ветинг во судството, односно да се провери имотната состојба на судиите заедно со судските случаи во кои биле вклучени под мониторинг на меѓународната заедница. Само 10,7 отсто сметаат дека ветинг на
судиите не е потребен.

Деталната анализа покажува дека околу 82 проценти од вработените во приватниот сектор и оние кои што се самовработени како и земјоделците поддржуваат ветинг во судството додека овој процент кај вработените во јавниот сектор се спушта на 77 отсто, а најнизок е кај студентите, 75 отсто.

Граѓаните во мнозинство бараат странски експерти и во Антикорупциската комисија, така што 53,2 проценти сметаат дека со цел да се зајакне нејзиното влијание странски експерти треба да бидат вклучени во Антикорупциската комисија, додека 31,2 отсто сметаат дека не треба.

Тука Македонците и етничките Албанци имаат речиси дијаметрално спротивни ставови. Додека 50,9 отсто од етничките Македонци сметаат дека не ни требаат странци во Антикорупциска, дури 60,9 отсто етнички Албанци се убедени во спротивното.

Слични содржини