Половина од министрите на Мицкоски имаат бугарски пасоши, тврдат од СДСМ

„Да потсетиме дека фотографии од ручеци и средби со бугарскиот олигарх Волканов има Христијан Мицкоски, нема Венко Филипче. Токму Волканов, кој ја загадува Крива Река, е пријател на Мицкоски, а не на СДСМ“, соопштија од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
113 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

Половина од министрите на премиерот Христијан Мицкоски имаат бугарски пасоши, а тој и неговите соработници се заплеткани во бугарски бизнис интереси, обвинија денеска од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) откако вчера пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски рече дека токму лидерот на опозицијата е синоним за милионски шеми со бизниси и фирми кај источниот сосед.

„Водат фирми во Бугарија, прават зделки за лична корист и додека се богатат, граѓаните ги оставаат во сиромаштија“, соопштија од СДСМ.

Оттаму велат дека ВМРО-ДПМНЕ може секој ден да го пушта редовниот лажго, Бране Петрушевски да штанца соопштенија со лажни обвинувања за СДСМ, но не може да се побегне од вистината дека Мицкоски и неговите соработници се заплеткани во бугарски бизнис шеми.

„Да потсетиме дека фотографии од ручеци и средби со бугарскиот олигарх Волканов има Христијан Мицкоски, нема Венко Филипче. Токму Волканов, кој ја загадува Крива Река, е пријател на Мицкоски, а не на СДСМ. Токму во неговите фирми, директори се функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се нивните вистински интереси, тоа се нивните вистински бизнис зделки“, велат од опозициската партија.

Петрушевски денеска обвини дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче со „бугарските фирми си прави бонбона бизнис за Бугарија“.

„Венко Филипче со резолуцијата прави бонбона бизнис за Бугарија, но отвора и пат за нови зделки негови и на Заеви во таа држава, кои одамна ги имаат. На 18 ноември 2022 година Венко Филипче во Бугарија ја формирал фирмата Пауер АИ8 ЛТД (POWER i8 Ltd). И истата ја регистрирал на адреса со фирмите на Заеви, меѓу кои и Гомасидра, каде завршија 9 милиони евра од јагленот за РЕК Битола. Заеви, заедно со Филипче откако свртеле 9 милиони од јагленот преку бугарските фирми во Македонија во Дојран направиле фирма за производство на струја од фотоволтаици.

Дали овие пари кои ги извадиле од РЕК Битола дел ги внеле во бизнис со струја во Македонија, а другиот дел го вртат по светот?

За сите овие операции Филипче и Заев ја користеле Бугарија. Што и должат на Бугарија? Или пак отвораат пат за нови зделки во иднина па преку бонбона бизнисот со резолуцијата сакаат да ја покажат нивната кооперативност и подготвеност за идни трговии со државните интереси“, праша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.