Половина од младите сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби и проблеми

ХЕРА со обука: „Младите ја преземаат улогата на двигатели на промени“

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: ХЕРА

Во услови кога младите во Северна Македонија се соочуваат со ограничени можности за активно учество во процесите на донесување одлуки и недоволно развиени механизми за нивно системско вклучување во креирањето и спроведувањето на политики, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), а со поддршка од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ја спроведува четиридневната обука „Млади за локален мир и учество“, која се одржува од 19 до 22 февруари 2026 година во хотел Романтик во Велес. Обуката е дел од проектот „Youth Connect: Building Inclusive Participation through Local Partnerships“, кој има за цел да создаде одржливи механизми за младинско учество и да ги зајакне партнерствата помеѓу младите, институциите и граѓанските организации.

Во Северна Македонија, младите често се соочуваат со ограничена доверба во институциите, недоволна застапеност во локалните процеси на донесување одлуки и недоволно функционални младински совети на локално ниво. Податоците од Националната стратегија за млади 2023–2027 укажуваат дека младите во земјата се соочуваат со ограничен пристап до услуги, ниско ниво на учество во јавниот живот и недоверба во институциите – повеќе од две третини од младите, сметаат дека не се вклучени соодветно во процесот на донесување на одлуки и дури 70% од младите не се заинтересирани за политиката[1]. Студијата за социо-политичко учество на младите во Северна Македонија потврдува дека половина од младите (51,4 %) сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби и проблеми, а само 1,1 % сметаат дека властите целосно се грижат за нивните потреби и проблеми. Три четвртини од младите (73,7 %) досега не биле вклучени или консултирани од локалните или националните институциите при носењето одлуки. Загрижува и фактот што 74,4 од младите не припаѓаат на ниту една организација или друга форма на организирање.

И покрај тоа што Законот за младинско учество и младински политики е во сила од 2020 година, неговата примена на локално ниво е минимална – само 19 општини имаат формирано локален младински совет, а локални стратегии за млади се усвоени само во 7 општини. Во меѓувреме, голем број млади се соочуваат со недостаток на јавни простори, културна изолација и отсуство на неформално образование и менторство.

Оваа состојба придонесува кон чувство на исклученост, апатија и намалена мотивација кај младите да се вклучат во демократските процеси, што директно влијае врз квалитетот на демократијата, социјалната кохезија и долгорочниот развој на општеството. Зајакнувањето на младите како активни граѓани и нивното значајно учество во креирањето и спроведувањето на јавните политики е клучно за градење инклузивни, отпорни и демократски заедници, особено во мултиетнички и локални контексти.

Обуката ги обединува младите од различни мултиетнички и локални заедници, кои преку интерактивни сесии, неформално образование и практична работа ги зајакнуваат своите знаења и вештини за младинско учество, интеркултурен дијалог, градење доверба, застапување и соработка со институциите. Програмата опфаќа теми како младински права и демократско ангажирање, интеркултурна комуникација и социјална кохезија, градење мир и конфликтна сензитивност, како и развој на конкретни младински иницијативи кои можат да се спроведат во нивните заедници на локално ниво.

Во рамки на обуката, пред младите учесници се обратија Фатмир Сабриу, Државен секретар при Министерството за социјална политика, демографија и млади, Владимир Ѓорѓевски, Раководител на локалната канцеларија на RYCO во Скопје,  претставници на ХЕРА, кои ја истакнаа важноста од создавање структурирани можности за младинско учество и препознавање на младите како партнери во креирањето на политики и мерки кои директно влијаат врз нивниот живот и иднина.

Државниот секретар Фатмир Сабриу изјави дека „Денешниот настан испраќа силна порака – дека младите не се иднината што ќе дојде утре, туку сегашноста што делува денес. Токму затоа, јакнењето на младинското учество во локалното донесување одлуки е клучен предуслов за демократски развој, социјална кохезија и одржлив мир. Министерството за социјална политика, демографија и млади останува цврсто посветено на унапредување на младинските политики и на создавање системски услови за учество на младите на сите нивоа. Веруваме дека вистинските и одржливи решенија се креираат заеднички – преку дијалог, партнерство и меѓусебна почит.

„Во Скопје RYCO продолжува да ја имплементита агендата за млади мир и безбедност и инвестира во градење на капацитетите на младите, преку младинските и организациите кои работат со млади. Но и преку вклучување на сите засегнати страни во креирањето на одржливи решенија. Во овие процеси соработката на младите со институциите е најважна, бидејќи само така младите чувствуваат косопственост и се креираат институционални решенија кои се по мерка на младите“, изјави Владимир Ѓорѓевски, Раководител на локалната канцеларија на RYCO во Скопје.

Елизабета Божиноска, Програмска директорка во ХЕРА посочи дека „Треба да не загрижи податокот што 74 % од младите не се вклучени во ниту една организација или друга форма на формално здружување. ХЕРА силно верува дека младите се движечка сила на секоја позитивна промена во општеството и дека имаат право да говорат гласно и да бараат промени секогаш кога се соочуваат со проблем во нивната заедница. Најголемите промени започнуваат на локално ниво и потребни ни се активни и будни млади кои се вклучени во  креирање на политики и спроведување на решенија за сите прашања  кои најдиректно ги засегаат нивните животи.“

„Како младинска активистка која веќе со години работи со млади во различни заедници, за мене оваа обука беше вистинска можност повторно да се потврди дека младите се тука и се желни да бидат активни чинители на општеството. Тие се главни актери, а не неми статисти. Имаат огромен потенцијал да градат мир и да придонесуваат за подобро општество, само треба да им дадеме простор, поддршка и вистински алатки. Механизмите ги имаме преку законот за млади и младинско учество, но немаме доволно институционална поддршка. Како локална така и државна. Затоа ги повикувам и младите да продолжат оптимистички со застапување и активизам, а институциите да ги слушнат и да им дадат тоа што им следува.“ – изјави Евгенија Узунова, учесничка на обуката од Струга.

Ема Мицевска, учесничка од Скопје, истакна дека „Четиридневниот едукативен процес има за цел да ги зајакне младите како активни чинители во граѓанските процеси, имајќи ги предвид реалните предизвици со кои се соочуваат, недоволна вклученост, недоверба во институциите и ограничен пристап до механизми за учество. Посебен акцент се става на надминување на стереотипи, дискриминација и бариери кои го ограничуваат младинското учество. Обуката опфаќа теми поврзани со градење мир, конфликтна сензитивност и конструктивна соработка со институциите, со фокус на практична примена на стекнатото знаење. Преку пристап базиран на неформално образование, интеркултурен дијалог и интерактивни сесии, младите стекнуваат конкретни знаења и вештини за активно учество во локалните процеси на донесување одлуки, справување со стереотипи и дискриминација и градење одржливи партнерства со институциите. Со соодветна поддршка, алатки и простор за учество, младите можат да бидат двигатели на позитивни, инклузивни и одговорни промени во општеството.“

Лејла Бекири, учесничка од Тетово, истакна дека „Младинското учество не е само можност и привилегија, туку и одговорност која ги овластува младите луѓе да ги претворат своите гласови во вистинска промена.“

Преку оваа обука, целта е младите да стекнуваат знаења и вештини, како и да се охрабруваат да преземат активна улога во своите заедници, да иницираат промени и да придонесат кон развој на локални политики и иницијативи кои ги адресираат нивните реални потреби. Зајакнувањето на младите како активни чинители и нивното значајно вклучување во јавниот живот претставува суштински предуслов за зајакнување на демократијата, градење доверба во институциите и создавање одржливо и инклузивно општество во Северна Македонија.