Обвинетите за насилството што се случи на протестот за пресудите на „Монструм“ добија казна затвор од една година. Шабан Весели, Бехар Далити и Бесар Калиси на денешното прво рочиште за случајот го признаа делото.
Обвинетите Артон Садики и Фабио Идризи, пак, се изјаснија како невини и за нив судењето ќе продолжи. Шестиот обвинет, Бесим Касами, денеска го напушти судот поради високата температура, а поради неговата влошена здравствена состојба, за него ќе се води издвоена постапка.
Скопското обвинителство ги товари обвинетите за кривичното дело Учество во толпа која ќе изврши кривично дело, за што е предвидена казна од шест месеци до пет години казна затвор.
Обвинетите на 26 февруари заедно со други лица почнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници фрлајќи со камења, бекатон-плочки, метални шипки и други предмети во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, тешки телесни повреди добил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници.