Половина од приходите во туризмот ги јаде сивата економија

од Vladimir Zorba
623 прегледи

Речиси половина од приходите во туризам ги јаде сивата економија. На голем број атракции и локалитети во државата влезница се наплаќа на парагон, без да се издава фискална сметка. Туристичките експерти укажуваат и на проблемот со непријавени ноќевања и ненаплатени даноци од страна на сопствениците на приватните сместувачки капацитети. На овој начин, не само што се оштетува државниот буџет за стотици милиони долари годишно, туку се создава и нефер конкуренција меѓу оние кои ги почитуваат законите и плаќаат даноци и оние кои ги избегнуваат.

Туристичкиот експерт и поранешниот директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски вели дека речиси половина од приходите во туризам ги јаде сивата економија.

-Во основ на сегментот на платена туристичка такса и генерално работење во македонскиот туристички сектор според Светската туристичка организација – UNWTO сивата економија е приближно 45 проценти што преставува огромен притисок врз реалниот туристички сектор. Покрај народно кажано крадењето на државата не е возможно да се гради конкурентна стратегија глобално и локално во македонскиот туристички сектор поради нерелевантни податоци надополнето со немањето на стратегија која развојно е потребно да ја покаже насоката на овој сектор во следната декада. Отсутноста на институции кои ќе ги третираат овие проблематики во државата праќаат лоша порака до потенцијалните инвеститори, вели за „Локално“, Јаневски.

Љупчо Јаневски

Љупчо Јаневски

Со еден милион непријавени ноќевања годишно голем дел од даночните приходи остануваат ненаплатени. Поради тоа големи штетите трпи локалниот туризам, општинската каса и државната економија.

Јаневски, смета дека сивата економија секоја година го оштетува буџетот за околу 250 милиони долари.

-Причините за високиот процент на сивата економија во туризмот се немањето на туристички инспектори, недостиг на регистри на категоризирани приватни сместувачки капацитети и станоиздавачи на локално ниво, немање на прецизна статистика и можност за спроведување контроли за плаќање на туристичката такса, што повлекува затајување и на друг тип даноци во државата, додава Јаневски.

Тој смета дека на годишно ниво во сивата зона на туристичката индустрија кај нас се вртат милиони долари и оваа состојба само ќе се продлабочува доколку не се реагира навреме.

Б.С.

Слични содржини