Одлуката на Полска да ги зајакне своите сили долж границата со Белорусија поради присуството на борците на „Вагнер“ е причина за загриженост, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Секако дека ова е причина за загриженост. Агресивноста на Полска е реалност. Таквиот непријателски однос кон Белорусија и Руската Федерација бара зголемено внимание“, изјави Песков за новинарите во Москва, пренесе „Ројтерс“.
Тој изјави дека се работи на безбедноста на Сојузот на Русија и Белорусија, додава РИА Новости.
Министерството за одбрана на Белорусија претходно денеска соопшти дека припадниците на белоруските сили за специјални операции заедно со борците на приватната воена компанија „Вагнер“, во близина на границата со Полска, ќе извршат мисија за борбена обука, на која министерството за одбрана на Полска соопшти дека ја следи ситуацијата и е подготвено за различни сценарија.
Полска почна да преместува повеќе од 1.000 војници, заедно со воена опрема, на истокот од земјата претходно овој месец.
Варшава претходно објави дека ќе испрати 500 војници за зајакнување на безбедноста на границата со Белорусија за да се справи со зголемениот број мигранти кои минуваат, како и со сите потенцијални закани откако некои борци на „Вагнер“ беа префрлени во Белорусија.