Полска не исклучува воведување ембарго на земјоделските производи од Русија

од Nikola Popovski
389 прегледи

Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјавил дека Полска ќе го проучува искуството на Летонија за воведување ембарго за увоз на земјоделски производи од Русија и дека наскоро би можела да преземе слични чекори.

Туск истакнал дека мислењето на неговиот латвиски колега му е важно во контекст на одлуката на Рига да воведе ембарго на руски производи, што беше одобрено на ниво на латвискиот парламент.

„Внимателно ќе ја проучиме оваа одлука на Летонија и не исклучувам дека Полска ќе преземе соодветна иницијатива“, нагласил Туск на заедничката прес-конференција со летонската премиерка Евика Силинеа во Варшава, пренесува Укринформ.

Тој додал дека денеска за ова прашање ќе разговара со полските земјоделци за време на состанокот во Варшава.

„Сакам сите да го разберат ова: вишокот жито и производи во Полска и Европа и нееднаквата конкуренција не е проблем само на увозот на жито и храна од Украина. Малкумина сфаќаат дека пазарот во Европа и Полска се дестабилизира поради производите кои пристигнуваат од Русија и Белорусија, затоа мора да се преземат сите можни чекори“, истакнал Туск.

Додал дека Полска сака да ѝ помогне на Украина, но во исто време настојува да ја стабилизира ситуацијата на пазарите и да ги заштити своите земјоделци.

Од 9 февруари земјоделците протестираат на патиштата кои водат до контролните пунктови на територијата на Полска во близина на границата со Украина. Главните барања на демонстрантите се забрана за увоз на украински земјоделски производи и повлекување на Полска од европскиот зелен договор.

Слични содржини