Полски PERN: Нема знаци дека истекувањето на нафтоводот било предизвикано од трета страна

од Stefanija Kuzmanovska

Полскиот оператор на нафтоводот кој го пренесува тој енергент од Русија во Германија објави дека нема знаци дека трета страна дејствувала во врска со пријавеното истекување на нафтоводот.

Компанијата PERN, која вчера извести дека во Полска е забележано истекување на една линија од нафтоводот „Дружба“ кој ги поврзува Русија и Германија, доцна синоќа соопшти дека нивните технички служби ја лоцирале локацијата на истекувањето.

„Врз основа на наодите и начинот на кој цевката е деформирана, засега се чини дека нема знаци на мешање од трета страна“, соопшти полскиот оператор PERN, додавајќи дека во тек се подетални анализи за да се утврди причината за инцидентот и да го поправи нафтоводот за да може преку него да се транспортира нафта.

Истекувањето било откриено на локација на околу 70 километри од централниот полски град Плок.

Нафтоводот „Дружба“, кој работи од 1964 година и се смета дека е на крајот на работниот век, е втор по должина во светот со 4.000 километри. Започнува во регионот Самара во Русија, поминува низ Брајанс, а потоа се пробива во северните и јужните цевки, поминувајќи низ териториите на Белорусија, Украина, Полска, Германија, Чешка, Словачка, Унгарија, Латвија и Литванија.

Инцидентот на овој гасовод уследи по минатомесечното истекување на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, кои поминуваат од Русија до Германија преку Балтичкото Море. Данска и Шведска соопштија дека истекувањето било предизвикано од експлозиви, а извештаите за истекување на новата нафтена инфраструктура предизвикаа загриженост.

Слични содржини