Во дводневна посета на земјава доаѓа полскиот претседател Анджеј Дуда. По тој повод тој ќе има средба со неговиот домаќин, шефот на државата Стево Пендаровски, а предвидено е да се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со премиерот Зоран Заев.
Посета на Македонија, Дуда ќе ја почне утре вечер со церемонија на доделување Медал на претседателот на Република Полска на Здружението на полската заедница во Северна Македонија „Полонија“, информираат од Кабинетот на полскиот претседател.
Како што се најавува, тој в петок ќе биде пречекан со највисоки државнички почести од претседателот Пендаровски во Вилата Водно, каде ќе одржат тет-а-тет средба, по што ќе следат пленарни разговори на делегациите на двете земји.
По тој повод, МВР денеска информира дека утре и задутре ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Скопје, за што апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај.