Новиот филм на Дамјан Козоле „Полусестра”, во малцинска копродукција на „Сестри и брат Митевски“, својата светска премиера ќе ја има во главната селекција на престижниот Филмски Фестивал во Карлови Вари. Учеството во главната конкуренција на овој реномиран фестивал е уште еден успех на македонската кинематографија.

Како малцинска копродукција „Сестри и брат Митевски“ учествувава и во претходниот филм на Дамјан Козоле „Ноќен живот” кој исто така својата премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде освои и Кристален Глобус за најдобра режија во 2016 година.
Дамјан Козоле е еден од водечките словенечки и балкански автори, чии филмови секогаш зборуваат за актуелни теми. Сите негови филмови имаат доживеано големи успеси како фестивалски така и во однос на дистрибуцијата во Европа.
„Полусестра” е копродукција помеѓу Словенија, Македонија и Србија. Филмот зборува за две полусестри и проблемите со кои се соочуваат.
Од македонска страна филмот беше поддржан од Агенцијата за Филм на Република Северна Македонија. Македонската екипа ја сочинуваат актерката Лабина Митевска, монтажер на филмот е Атанас Георгиев, снимател на тон Игор Поповски Нивеа, микроман Дарко Бошковски, асистент на камера е Маријан Боцевски, арт директор во сценографија е Бобан Петрушевски, дел од звукот е работен во Аудиохаус, македонскиот дел од кастингот е направен од Киријана Николоска.
Премиерата на „Полусестра” во Карлови Вари ќе биде на 2 Јули, а филмот ќе биде уште два пати прикажан на фестивалот на 3 и 5 Јули.