Помилуваните каталонски сепаратисти излегоа од затвор

од Stefanija Kuzmanovska
304 прегледи

Каталонските сепаратистички политичари обвинети за обид за отцепување на Каталонија, кои беа помилувани од премиерот на Шпанија Педро Санчез, денес беа ослободени од затвор.

Санчез вчера ги помилува сите девет каталонски лидери на сепаратистите кои беа уапсени поради нивната улога во организирањето на референдумот за отцепување на Каталонија во 2017 година.

Помилувањата ги укинаа преостанатите години затворски казни за лидерите, но забраната за вршење јавни функции останува на сила.

Седум мажи, кои ја издржуваа казната во затворот Љедонерс, заедно го напуштија затворскиот оддел напладне, пренесува шпанскиот весник „Паис“.

„Затворот не не крши, ги зајакнува сите наши верувања“, рече поранешниот каталонски вицепремиер Ориол Јункерас, кој по излегувањето од затвор веднаш отпатува во странство.

Ослободени се и поранешната претседателка на каталонскиот парламент Карме Форсадел и Долорс Баса, кои ја издржуваа казната во други затворски центри.

„Репресијата сè уште не е завршена“, рече Баса.

Шпанскиот официјален весник денеска ја објави одлуката за помилување на затворените лидери, со потпис на кралот Фелипе Шести и министерот за правда Хуан Карлос Камп.

Слични содржини