Во раните утрински часови пристигна првата група од конвојот на Австрија со Тимовите за заштита од пожари составена од 60 припадници и 20 возила, додека втората група се очекува да пристигне во текот на денот, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Според нивните информации, вкупниот број од австрискиот конвој е составен од 136 лица, 16 возила, 24 камиони, 1 амбулантно возило, 2 АТВ и 9 приколки.
-Конвојот беше пречекан од претставници на Дирекција за заштита и спасување на граничниот премин Табановце и упатен во една од најкритичните места опфатени со пожари во источниот дел на државата, соопштија од институцијата.
Инаку како што информираа од Центарот за управување со кризи на терен покрај македонските човечки ресурси и капацитети дејствуваат три хеликоптери од Србија, а вкупно се четири на располагање, три за гасење и еден за извидување. Од Бугарија се дојдени 25 пожарникари со 11 возила, од Словенија 40 пожарникари со 16 возила.