Помпео потпиша договор за воена соработка во Полска

од Vladimir Zorba
190 прегледи

Американскиот државен секретар Мајк Помпео и полскиот министер за одбрана Мариуш Бласчак денеска потпишаа договор за соработка во одбраната во Варшава, кој поставува правна рамка за поголемо присуство на американски војници и го отвора патот за нивно пренесување од Германија во Полска.

„Ова ја зголемува гаранцијата: гаранцијата дека во случај на закана, нашите војници ќе застанат рамо до рамо. Договорот ќе послужи и за зголемување на безбедноста на другите земји во овој дел од Европа“, рече полскиот претседател Анджеј Дуда.

Договорот ќе ги продлабочи и другите аспекти на американско-полската соработка, пред се на полето на инвестициите и трговијата, пренесува АП.

Тој го надополнува постојниот договор за статусот на силите на НАТО и овозможува зајакнување и модернизација на постојните капацитети и објекти, така што американските сили ќе имаат пристап до дополнителни полски воени инсталации.

Се прецизира и поделбата на логистиката и инфраструктурните трошоци за зголемено присуство на САД во земјата.

Во Полска моментно се стационирани околу 4.500 американски војници, а уште 1.000 ќе пристигнат, според билатералниот договор од минатата година.

Неодамна, Пентагон, во согласност со барањето на претседателот Доналд Трамп за намалување на бројот на трупите во Германија, објави дека од Германија ќе се повлечат 12.000 војници, од кои 5.600 ќе бидат префрлени во други европски земји, вклучително и Полска.

Со посетата на Полска, Помпео ја завршува повеќедневната турнеја на четири европски земји, за време на која ги предупреди за заканата од Русија и Кина.

Слични содржини