Помпео: Во Вухан сè уште се изведуваат тајни експерименти

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот директор на ЦИА и државен секретар на САД, Мајк Помпео, вчера изјави дека се спроведуваат тајни воени експерименти и истражувања на Институтот за вирусологија во кинескиот град Вухан и дека има многу докази дека коронавирусот протекол од лабораторијата.

Помпео се огласи неколку дена откако Џозеф Бајден, сегашен претседател на САД, нареди разузнавање за да се утврди потеклото на ковид во следните 90 дена.

„Со сигурност можам да кажам дека знаеме дека луѓето од таа лабораторија беа вклучени во соработка со Народноослободителната армија. Значи, воените активности се одвиваа таму во исто време, иако тие тврдеа дека станува збор за строго цивилно истражување“, изјави Помпео за „Фокс Њуз“.

Тој додаде дека Кина одбила да каже на што работат, како и дека одбила пристап на Светската здравствена организација, заклучувајќи дека самата операција за прикривање укажува дека таму се случуваат многу работи за кои не се знае.

„Таа лабораторија за тестирање на вируси сè уште е таму и работи. Веројатно да изведува испитувања кои и доведоа до протекување на вирусот од лабораторијата. Само кинеската комунистичка партија го знае одговорот, но целиот свет заслужува одговор и тие треба да ни кажат што се случило“, рече Помпео.

Тој изрази задоволство од наредбата на Бајден да се испита потеклото на вирусот.

„Драго ми е што се случи тоа. Се надевам дека истрагата сериозно ќе се спроведе. Разузнавачката заедница ја следи оваа ситуација многу подолго од 90 дена“, рече поранешниот директор на ЦИА.

Од почетокот на пандемијата минатата година, Помпео се залагаше за теоријата дека вирусот протекол од лабораторијата во Вухан.

„Уште од пролетта 2020 година, постојат докази дека вирусот потекнува од лабораторија. Знаеме дека имало луѓе кои се разболеле таму, научници кои се разболеле таму“, рече Помпео и додаде дека вирусите во лабораториите се модифицирани да бидат позаразни и потенцијално посмртоносни и дека сегашната администрација мора да го испита тоа.

Слични содржини