
Американскиот министер за надворешни работи, Мајк Помпео во саботата остро го критикуваше „лицемерството“ на Советот за човекови права на ОН, кој во петокот донесе резолуција со која се осудува системскиот расизам и полициското насилство.
„Советот за човекови права на Обединетите нации, во кој е вклучена Венецуела, а неодамна и Куба и Кина, отсекогаш бил и останува засолниште за диктаторите, како и за демократиите кои ги поддржуваат“, рече Помпео.
„Вчерашната одлука на Советот да гласа за резолуција фокусирана на расизмот и полициското насилство во Соединетите Американски држави, го спушта ова тело уште пониско“, додаде тој.
Советот за човекови права на ОН, со седиште во Женева, е меѓувладино тело во рамките на системот на ООН, одговорен за унапредување и заштита на човековите права ширум светот, за решавање на ситуации на кршење на човековите права и за давање препораки.
Вашингтон се повлече од Советот во 2018 година.
Резолуцијата беше претставена од африканските држави како дел од итен состанок свикан по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд и демонстрациите организирани против расизмот низ целиот свет.