Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ„ бр.21/98 и 18/07), 23 октомври 2023 година (понеделник), Ден на македонската револуционерна борба е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните на Република Северна Македонија им го честита Денот на македонската револуционерна борба.
Празникот се празнува од 2007 година кога беше донесен и изгласан новиот закон за државни празници.
Празникот се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. Имено на 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја македонски револуционерен комитет.