Понеделник 13-февруари во Македонија ќе биде прогласен за ден на жалост во спомен на трагично загинатите лица од разорните земјотреси во Турција и Сирија. Ваква одлука донесе денеска Владата.
Одлуката е донесена како израз на солидарност и почит за големиот број загубени човечки животи предизвикани од катастрофалниот земјотрес што се случи во Република Турција и во Арапската Република Сирија, на 6-ти февруари 2023 година.
За време на утрешниот Ден на жалост, знамето на Република Северна Македонија, ќе биде истакнато на половина копје, во нашата држава и пред дипломатско-конзуларните претставништва во странство.
На почетокот на владината седница беше оддадена почит за жртвите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.
Владата на Република Северна Македонија изразува длабоко сочувство за загубите, до целиот турски народ и до блиските на настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.
Во земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала во југоисточна Турција досега загинаа речиси 30.000 луѓе, a срушени се повеќе од 6.000 згради.