Во насока на унапредување на здравствената грижа за пациентите со тешки повреди, особено за оние со сериозни изгореници, Владата на денешната 82. седница донесе одлука за отворање на рехабилитациски центар во Пониква.
Со оглед на сложеноста и сериозноста на повредите кај дел од пациентите, потребна е долгорочна медицинска нега, физиотерапија, психолошка поддршка и континуиран надзор од стручни лица. Туристичкиот центар Пониква, со својата локација и инфраструктура, е препознаен како соодветен простор за ваков вид опоравување.
Според одлуката, во одморалиштето ќе бидат обезбедени услови за сместување на пациентите, терапевтски третмани, ангажман на медицински и физиотерапевтски тимови со специјална обука за третман на изгореници, како и психолошка поддршка и комуникација со болниците каде што пациентите првично биле лекувани.
Оваа иницијатива има за цел не само физичко закрепнување, туку и психосоцијална стабилизација на повредените, со што ќе се овозможи побрзо враќање во нормалното секојдневие.
Оперативниот план за реализација на рехабилитацијата ќе го изготви Општата болница во Кочани, во соработка со Министерството за здравство, здравствените установи кои биле дел од акутниот третман, како и со претставници на самите пациенти.
Министерството за внатрешни работи ќе ги стави на располагање своите капацитети во Пониква во период од 10 јуни до 20 август, а ќе ги покрие и трошоците за сместување и оброци за пациентите и медицинскиот персонал.
Овој чекор претставува важна фаза во грижата за тешко повредените лица, со фокус на севкупното нивно закрепнување и интеграција назад во општеството.