Попис 2021: Мажите до работа со автомобил, жените пеш, а велосипед возат само 2,3 отсто од граѓаните

од Берта Китинска
316 прегледи

Автомобилот е најчесто превозно средство кое се користи во нашата земја. Над 35 проценти од вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе до работа или училиште користи автомобил. Пеш оди секој петти, додека градски автобус користат седум проценти и 2,6 проценти меѓуградски автобус, а велосипед само 2,3 проценти.

Со воз до работа или училиште патуваат само 0,06 проценти или вкупно 341 лице. Над осум проценти до работа или училиште користат организиран превоз и исто толку, рекле дека користат повеќе од едно превозно средство.

Над 10 илјади граѓани или 1,65 проценти рекле дека не патуваат до работа или училиште.

Мажите најчесто до работа или училиште возат автомобил, и тоа над 40 проценти, потоа околу 17 проценти рекле дека одат пеш, а со градски автобус само 4,4 проценти и 2,1 проценти со меѓуградски автобус. Велосипед користат 2,6 проценти, мотоцикл 0,77 проценти, а воз 0,08 проценти.

Жените најчесто до работа или училиште одат пеш, и тоа над 27 проценти, потоа околу 19 проценти возат автомобил, 10,8 проценти користат градски автобус и 3,34 проценти меѓуградски автобус. Велосипед користат 1,86 проценти, мотоцикл 0,15 проценти, а воз 0,03 проценти.

Ова го покажуваат податоците за вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе според пол и видот на превозното средство кое најчесто го користи до работа или училиште, објавен со третиот сет податоци од Пописот 2021 година.

Слични содржини