„Пописот не беше статистика, туку предавство“ – ВЛЕН жестоко против институционалната манипулација на Албанците во земјава

Политичката платформа ВЛЕН денеска излезе со остри обвинувања за, како што велат, најголемата институционална измама извршена врз албанскиот народ по осамостојувањето на Северна Македонија – пописот на населението спроведен во 2021 година.

од Марта Пешевска
61 прегледи

Политичката платформа ВЛЕН денеска излезе со остри обвинувања за, како што велат, најголемата институционална измама извршена врз албанскиот народ по осамостојувањето на Северна Македонија – пописот на населението спроведен во 2021 година.

На прес-конференција што предизвика сериозно внимание во јавноста, Блерим Сејдиу, еден од лидерите на ВЛЕН, порача дека пописот бил политички проект во режија на ДУИ и СДСМ, а не неутрален и статистички процес, како што требаше да биде. Според него, целта била јасна: да се минимизираат Албанците на хартија, особено тие во дијаспората, и со тоа да се намали нивната политичка тежина.

Наметната класификација што ја избриша дијаспората

Критиките беа насочени кон контроверзната класификација „резидент“ и „нерезидент“, за која Уставниот суд пред два дена донесе одлука дека е неуставна. ВЛЕН посочува дека оваа поделба не постои во ниту еден македонски закон, но сепак била клучна алатка во пописната шема за исклучување на стотици илјади Албанци од дијаспората, кои поради технички или политички причини не биле признаени како дел од активното население.

„Дијаспората не можеше да биде контролирана. Не можеше да се заплаши, не можеше да се купи. Затоа беше отстранета од бројките,“ рече Сејдиу.

Парадоксални податоци и сомнежи за изборни манипулации

Платформата ВЛЕН изнесе низа конкретни примери кои, според нив, го разголуваат целосниот фалсификат:

  • Во Речица, биле попишани 1.653 Албанци над 18 години, но на изборите биле дадени над 2.400 гласови за албанските партии.
  • Во Желино, бројот на жители според пописот бил 3.432, а регистрираните гласачи 4.103.
  • Во Стримич, според Државниот завод за статистика имало 1.937 жители, но 2.644 гласачи.

„Или пописот лаже, или изборните списоци се вештачки надуени – а можеби и двете, во корист на власта“, изјави Сејдиу. Дополнително, тој го посочи и феноменот со т.н. „административни податоци“ – фантомска категорија што произвела над 132.000 лица чие потекло, статус и реална адреса никој не може да ги објасни, иако најголем дел од нив се заведени како Македонци.

Уставен удар за спорната пописна политика

Уставниот суд, на 26 јуни 2025 година, по поднесена иницијатива, ја поништи класификацијата резидент/нерезидент, со образложение дека е во директна спротивност со начелата на еднаквост и недискриминација, загарантирани со Уставот.

За ВЛЕН, ова претставува историска победа. „Ова не е само правна победа – ова е морална осуда за сите оние кои со своите потписи го извршија ова предавство.“

Што бара ВЛЕН?

Политичката платформа најави серија барања до институциите:

  • Целосна ревизија на пописот
  • Пререгистрација на дијаспората со полноправен статус
  • Институционално вклучување на дијаспората во сите тела за донесување одлуки
  • Кривична одговорност за сите кои учествувале во манипулацијата

Сејдиу потенцираше: „Не постојат добри и лоши Албанци. Не постои резидент и нерезидент кога се работи за национален идентитет. Секој Албанец мора да биде видлив, признаен и застапен.“

Пописот како пресвртница за ново политичко будење

За ВЛЕН, пописот од 2021 година е симбол на системска дискриминација, но и возможност за ново политичко мобилизирање, особено на дијаспората, која според проценките брои стотици илјади луѓе низ Европа и прекуокеанските земји.

„Јас сум со дијаспората, јас сум резидент!“ – со ова мото ВЛЕН ја заврши својата прес-конференција, испраќајќи јасна порака дека борбата за еднаква застапеност дури сега започнува.

Слични содржини