Пописот нема да се одложи и покрај воведувањето на полициски час

од Берта Китинска
357 прегледи

Иако бројот на заболени е во пораст засега нема да го доведе во прашање пописот. Надлежните не гледаат потреба од негово пролонгирање,  бидејќи никој не гарантира каква ќе биде епидемиолошката ситуација за месец или два.

Премиерот Зоран Заев изјави дека нема да има одложување на пописот и покрај воведувањето на полициски час, кој е на сила од денеска.

– За кога да одложиме пописот? За 10 години? Не може да се одложи за мај или јуни. Тогаш луѓето се по одмори. Септември е кампања, октомври се изборите. Треба да го спроведеме пописот. Треба да си ја земеме одговорноста во своите раце.Никој не може да каже дека за една година нема да е исто. Не може ни за месец или два да одложиме, бидејќи ни тогаш не знаеме дали ќе е различно, изјави Заев.

Левица нема да ги прими попишувачите

Левица бара да се одложи пописот за следната 2022 година, во спротивно ќе ги повикаат граѓаните да не им отвораат врата на попишувачите.

-Ние се повикуваме на Уставот кој гарантира неповредливост на домот. Тоа може да се наруши само со судски налог  – рече пратеникот на Левица Борислав Крмов на ТВ 24.

Според него, ризиците за ширење на вирусот за време на спроведување на попис се многу поголеми отколку на изборно гласање.

-На избори гласа дел од полнолетното население, додека на попист треба попишувачи да одат дома кај цело население и да се задржат 20-30 минути – посочува Крмов.

Тој тврди дека СДСМ и ДУИ спремаат фалсификат на пописот со тоа што, според него, процентот треба да биде во корист на Албанците и на штета на Македонците.

Ахмети  ја повика албанската дијаспора масовно да одговори на пописот

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети преку Фејсбук ја повика албанската дијаспора масовно да одговори на пописот, бидејќи како што вели, „Повеќе сме кога сме заедно“.

Тој преку видео порака вели дека колку повеќе Албанци од дијаспората се попишат, толку посилни ќе бидат.

Ахмети ја повика дијаспората да го дистрибуира неговиот апел до секој иселеник кој сè уште не се попишал.

Тој во видеото истакнува пет причини зошто треба да се попишат:

–Попишувањето на дијаспората има важна улога во спроведувањето на многу развојни политики во Република Северна Македонија.Дијаспората преку пописот ќе биде голем и директен придонесувач за растот на бројот на Албанците во Република Северна Македонија.Учествувајте и придонесете за уште поголемо зголемување на застапеноста на Албанците во државните институции.

Пописот е закажан за април, а според премиерот, процесот на попишување бил олеснет во многу земји годинава, а истото го очекува и во земјава.

Слични содржини