Силното невреме од дожд и град предизвика поплави и големи сливови на вода во рудникот Суводол, од каде се носат најголемите количини јаглен за РЕК Битола. Невремето кое вчера го зафати подрачјето на рудникот предизвика големи дотоци во откопното поле и на позициите каде се лоцирани големите багери и системи за транспортирање на јагленот.
Комбинатот во моментот работи со сите човечки и технички ресурси кои ги поседува на санација на состојбата и на непречен ископ на јаглен, кој сепак се одвива под отежнати услови.
Раководителот на производство во Рудници-РЕК Битола, Димитар Петковски, изјави дека се работи во тешки услови и дека вработените уште од вчера се распределени на вонредни задачи во очекување на невремето и врнежите, кои според прогнозата ќе продолжат и во текот на викендот.