Попоски: Некорисна е поделбата на кариерни и некариерни амбасадори, важно е колку се способни

од Берта Китинска
354 прегледи

Од праксата досега имало врвни кандидати од кариера кои треба сигурно да се праќаат надвор од земјата но, имаме и такви кои биле исклучително успешни, а кои не биле вработени во МНР претходно, вели во разговор за „Локално“, Никола Попоски, поранешен министер за надворешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласува дека земјата имала повеќе кандидати кои доаѓале од приватниот сектор кои придонеле за значаен број инвестиции кај нас.

-Нема поголем успех од тоа за дипломатија. Мислам некорисна поделба е таа: кариерни и некариерни. Битно е колку се способни и едните и другите, а способноста од искуството, не е поврзана со тоа каде имале канцеларија претходно, коментира, екс-министерот.

Во однос на барањето да се проверуваат сите именувања на амбасадори од 2006 година, Попоски децидно вели дека тоа би било чиста бирократија ако се проверуваат само именувањата.

-Не е познато точно што сакаат, но ако е само за именувања, тогаш тоа е чиста бирократија.Ако пак е за резултати од именувањата, тогаш единствено корисно денес би било да се брои од која амбасада или конзулат колку инвестиции донеле во Македонија низ годините и евентуално колку работни места отвориле тука. Секако дека не е само на амбасадите заслугата, но тоа е мерливо и најбитно, а има извештаи со методологија за оцена . Само за мултилатералните претставништва како при ОБСЕ, ЕУ, ООН или НАТО други параметри треба да се гледаат. Но и за таму има годишни извештаи за активности кои се мерливи, објаснува тој.

Попоски тврди дека потребно е кандидатие за оваа позција да бидат со капацитет.

-Ако изборот на дипломати се сведе на бирократски промени, тогаш е губење време. Не е до процедурата. Битно е што е целта на секое упатување. Дали праќате некој со притисок да брка и убедува инвеститори за да дојдат тука. Значи некој со капацитет, зошто тоа е тешка работа. Или праќате некој за да се прошета надвор, вели поранешниот министер.

Tој смета дека за овие позиции потребни се повеќе менаџери на државно ниво.

-Најлесно е со повеќе пари. Но ние сме сиромашна замја. Значи мора да имаме повеќе менаџери на државно ниво кои инспирираат и низ сопствен пример мотивираат способни да влезат во државна служба, која пак треба да е флексибилна за да може да ги задржи најдобрите, смета Попоски.

Слични содржини