Официјализирањето на македонската азбука и стандардниот јазик не е вештачка конструкција, туку резултат на долготрајниот развој и дијалектна разновидност на македонскиот јазик, истакна претседателот на МАНУ, Живко Попов, по повод 80 години од кодификацијата на литературниот јазик.
Тој нагласи дека македонскиот јазик има уникатна вредност меѓу словенските јазици и предизвикува интерес кај меѓународната лингвистичка заедница. Сепак, борбата за негово зачувување сè уште трае, особено поради ограничувањата во неговата употреба во соседните земји и нерамномерното почитување внатре во државата.
Попов посочи дека државните институции мора да вложат поголеми напори за доследна примена на Законот за македонскиот јазик, а Уставниот суд треба да обезбеди негова рамноправна употреба низ целата територија.
МАНУ, во соработка со академските институции, продолжува да работи на унапредување на литературниот јазик. Делото на Блаже Конески останува силен поттик за идните генерации да го негуваат и афирмираат македонскиот јазик како клучен дел од нашиот идентитет и култура.