Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов порача дека Левица прави лош обид за манипулација околу „неработењето“ на Собранието оваа недела. Тој му постави прашање на неговиот колега од Левица, Амар Мециновиќ.
-Зошто уште кога вчера била координација на пратеничките групи, на Левица не ѝ текна да каже дека била против да се работи и оваа недела туку се согласила? Борислав Крмов не ги информирал колегите…Тој впечаток го добивме денес, претходно немавме таков впечаток. Ние сме пратеници и сега сме на дебата. Во Собрание сите имаме канцеларии, секој ден сме таму, се гледаме со граѓани, се пишуваат закони и се предлагаат, но од партија која пратеничката работа ја гледаат само низ призма на присуство на седници и комисиски расправи, не знам што друго да очекувам. Пратениците не се на одмор. Се откажа пленарна седница и се откажаа потенцијални комисии во Собранието, рече Попов во емисијата „24 анализа“.
Пратеникот исто така додаде дека донирале како народни избраници за настраданите и повредените во Кочани, но не откри сума или средства.
Откако во Собранието се откажаа активностите, дел од јавноста негодуваше поради ваквиот однос на пратениците и сметаат дека „принудни одмори“ не се земаат во тешки ситуации за државата. За, како што велат, широко распространетите обвинувања за одложување на работата на Собранието минатата и оваа недела, од Кабинетот на спикерот Африм Гаши вчера соопштија дека ваквата одлука е донесена како резултат на согласност на сите присутни пратенички групи на координативната средба одржана на 24.03.2025 година. Најавуваат дека во законодавниот дом се работи на законски решенија кои од понеделник ќе се пуштаат во процедура, како и дека се очекува да пристигнат предлог закони поднесени од Владата и министерствата.