Попова Шапка – „заспана убавица“ полна со дивоградби: „Функционирањето на Националниот парк, како и секаде во светот, има правила кои мора да се почитуваат“

од Vladimir Zorba
394 прегледи

Иако Шар Планина е прогласен за национален парк, сепак има десетици објекти чии сопственици сакаат да се легализираат, бидејќи се изградени на државно земјиште.

Метин Муареми претседател на „Платформа пријателите на Шар Планина“ вели дека ова е еден од клучните проблеми со кои централната власт треба интензивно да се занимава во соработка со локалната власт.

– Тоа е вистински наод, и еден од клучните проблеми со кои централната власт треба интензивно да се занимава во соработка со локалната власт. Ние како граѓанско општество, каде нашата организација речиси неколку години се занимава со конкретна заштита на Националниот парк Шар Планина, сме свесни за постоењето на вакви нелегализирани објекти на државно земјиште. Отсекогаш сме биле против узурпација на јавен имот за лична корист. За овие објекти предлагаме надлежните органи да ја разгледаат сопственоста и да постапат согласно законот. Изградбата на вакви објекти ги загрозува и приоритетите на Европската зелена агенда за заштита на националните паркови, изјави Муареми за „Локално“.

Метин Муареми

Метин Муареми

Тој вели дека е нормално е дека треба да се намали бројот на вакви објекти и сега веќе да не се дозволуваат нови градби на јавни површини, но, според него, треба и да се внимава и на другите градби што треба да се градат според Планот за управување со националниот парк Шар Планина.

– Владата и општината треба да работат само преку инвестиции. Финансиските инвестиции треба да се насочат кон раст и развој на туризмот. Во моментов работиме на проект за развој на претприемништвото и од него констатираме дека е неопходна туристичка инфраструктура. Тоа јасно се гледа во недостатокот на инфраструктура во Попова Шапка или дури и во други туристички места. Апелираме на соработка и функционирање на законот, бидејќи функционирањето на Националниот парк, како и секаде во светот, има правила кои мора да се почитуваат, а нивното непочитување создава само загуби и за жителите и за претприемачите кои работат таму, вели во изјава за „Локално“, Метин Муареми -претседател на „Платформата пријатели на Шар Планина“.

Според проценките на здружението на граѓани каде членуваат сопственици на викендици се дека од над 700 објекти во викенд-населбата, околу една третина или околу 250 се во процес на легализација односно досега постоеле како дивоградба.

Во општинскиот сектор за урбанизам имаат други бројки, односно велат дека има помалку нелегално изградени објекти.

-Во моментов во општина Тетово се водат 125 предмети за легализација на објекти на Попова Шапка. Од нив за 60 треба да се излезе на терен и да се утврди фактичката состојба, а на другите 65 им недостасува документација која треба да ја достават, соопштија од Секторот за урбанизам при општина Тетово.

Д.Ј.

Слични содржини