Поповска: Застојот во спроведувањето на Зелената агенда е поради колосалната некоординираност на институциите

од Destan Jonuzi

Застојот на спроведувањето на законската рамка и зелента агенда во Северна Македонија според Лилјана Поповска – еколошки активист и поранешна претседателка на ДОМ, е поради колосална некоординираност на државните и локалните институции, непомирлива спротиставеност на политичките партии во власта и опозицијата и недоволна координација на граѓанскиот сектор.

– Зелената агенда бара знаење, координација и лидерство. А сево ова ни фали во сите три сектори – институционален, политички, граѓански. Во институциите, како и во целото општество, постои паника поради енергетската криза и тоа служи како изговор да се заборава и прескокнува зелената агенда. Оваа состојба обилно ќе ја искористат, пред се, бизнисите со фосилни горива и дрвокрадците. Со големо задоцнување се доуредува подзаконската рамка за обновливи енергии, за да бидат достапни за производство и користење од секој поединечен граѓанин. Доцнат и изостануваат и големите вложувања во енергетска транзиција на големите енергетски објекти како електраните. Наместо напуштање на фосилни горива, сите се во трка за нивно максимално работење со јаглен, мазут и се што гори. Колку се контролира квалитетот на горивата, начинот на нивно согорување и прочистување во печките, сето тоа се сериозни прашања, зашто една работа е да не се смрзнеме, но подеднакво важна работа е да не се разболиме од загадување на воздухот, изјави Поповска за „Локално“.

Според неа, Министерството за животна средина и просторно планирање неразбирливо многу доцни со носење на Законот за контрола на индустриски емисии, кој е деновиве на јавен увид. Законот, додава таа, го бараат екологистите неколку години, заради ограничување на загадувањето на сите медиуми, а пред се на воздухот, посебно преку обврска за индустриските загадувачи за автоматски мониторинг на постројките.

– За да не се играат матни игри помеѓу трговците, одобрувачите на дозволи и инспекторите за животна средина. Севкупно, Македонија ја има најголем дел од еколошката законска рамка, фалат неколку битни закони и многу подзаконски акти. А најмногу од се, ни фали нивно спроведување и контрола. А за тоа, потребни се доволен број стручни и професионални лица во институциите, како и еколошко визионерство на политичко ниво, чесно судство што ќе се бори против корупција во екологијата, но и многу повисока социјална кохезија и посветеност на целото општество. Е, тука се затвора кругот и доаѓаме пак на почетокот на одговорот за причините на застојот на зелената агенда…, потенцира Поповска.

Таа вели дека екологијата со години останува со смешни и навредливи буџетски суми, кои се најдобар показател за третманот што го има во државата, но и за еколошката свест на првите и највлијателните луѓе во политиката со децении наназад.

– Спроведувањето на законите не е на потребното ниво и се дозволува уништување на природата, неодржливо користење на природните ресурси, неодржлива урбана експанзија, загадување на воздух, вода и почва, негативен придонес кон климатските промени и други сериозни отстапувања од зелената агенда. Генерално, лошо управување и слаб институционален капацитет во целиот систем, посебно во пристапот до правда и правната држава. За институционалните слабости одговорноста лежи во лошата кадровска политика, диктирана од политички арбитри, со изигрување на законот за администрација и многу често негативна селекција и кај раководни кадри и кај администрацијата, со чесни исклучоци. Дополнителен проблем е слабата финансиска стимулација на квалитетните стручни лица, кои најчесто не се ни заинтересирани за работа во јавниот сектор. Севкупно, главен генератор на лошите состојби во сите сфери, вклучително и во животната средина, е партизираноста на општеството, кое замижува пред неработењето, некомпетентноста, злоупотребите, корупцијата, нагласува таа.

Поред поранешната претседателка на ДОМ, постојат писмени, стручни, чесни и посветени луѓе во администрацијата и на раководните функции во животната средина, но тие не се мнозинство.

– Не се ни критична маса, која би можела да повлече нагоре и да се избори за поинаков третман на екологијата, со соодветни буџети кои ќе овозможат спроведување на законските обврски, истакнува Поповска.

Д.Ј.

Слични содржини