Денешниот Устав е одличен пример за граѓански, демократски и европски Устав, смета професорот Владо Поповски, кој заедно со професорите Љубомир Фрчковски и Лазе Китановски учествуваше во подготовка на работниот текст на првиот Устав од независноста на земјата. Три децении подоцна, Поповски во разговор за МИА евоцира спомени за настаните и за процесот на изработка и донесување на конечната верзија на највисокиот правен акт на државата.
– Од тогашниот премиер на Република Македонија, Никола Кљусев и претседателот Киро Глигоров беше побарано дека на државата и е потребен Устав во рок од шест месеци. Професорот Евгениј Димитров по Уставно право, веднаш се откажа, со образложение оти не е возможно за шест месеци да се направи Устав. Фрчковски ме информираше и почнавме да го пишуваме Уставот на Република Македонија врз база на повеќе устави и нашето разбирање за карактерот на државата. Уставот го правевме во една кабина, во дворот на незавршена куќа на Китановски и на 30 април бевме готови, раскажува Поповски.
Поповски за МИА оценува и дека направените измени во изминатите три децении не неправиле штета на основниот текст на Уставот.
Како позначајни ги посочува измените поврзани со Охридскиот рамковен договор и Преспанскиот договор. Охридскиот рамковен договор, според Поповски е единствената вистинска промена и решенијата на договорот што се вградени во Уставот се одличен пример на граѓански, демократски и европски Устав.
-Односнот на Владата, по донесување на Уставот во 1991 година создаде голем процеп во однесувањето меѓу Македонците и Албанците. Се до 2001 година зрееше процесот за реформи од типот на Охридскиот договор и тоа е вистинската реформа што значи квалитет, оној што беше изоставен со македонскиот национализам и бранот што беше во Југославија, вели Поповски.
Последната промена што Уставот ја претрпе беше во 2019 година кога македонското Собрание со 81 глас „за” ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република С. Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа. Собранието го донесе и Уставниот закон за спроведување на амандманите.
-Интервенцијата на Преспанскиот договор имаше една долга историја од 1991 година до моментот кога се склучи договорот. Претходно имаше и други решенија за државата, што можеа да бидат прифатени, но тоа се пропушти и претседателот Глигоров се откажа од тој процес, велејќи дека времето ќе ги отсее работите и ќе го реши проблемот на државата со името. Грција остана на своето барање и по Лисабонската декларација кога успеа да го убеди Еропскиот Совет да донесе одлука дека Република Македонија може да биде признаена доколку во името не го содржи зборот „Македонија”, залагањата на Глигоров и целата македонска јавност беа оти не може да се брише именката и тоа што е именски супстракт на најголемата национална група што се избори за самостојна држава, вели Поповски.
По Лисабонската декларација, Поповски раскажува дека следела Единбуршката декларација којашто налагала да се најде решение и едноставно се оцени дека меѓународната тежина, положба, углед на Грција е незаменлива со потребата да се признае барањето за име онака како што Република Макеоднија сака да биде.
-Инсистирајќи на сето тоа, бевме блокирани од Грција комплетно, а можеше да отстапи до таму со оглед на внатрешните односи, историската практика кон македонското прашање, суетата и нашата маргиналност во меѓународен план во таа насока, додава професорот.
На прашањето дали има потреба од повторно отворање и корекција на Уставот, професорот Владо Поповски истакнува дека тој ќе мора да се погледне и ревидира кога Република С.Македонија ќе стане членка на Европската Унија и кога во рамките на тој статус ќе треба да ги усогласи своите конечни решенија на релација со ЕУ. Дотогаш нема потреба, и Уставот не го попречува процесот на преговорите