„Странските партнери на македонските безбедносни служби веќе ги кренаа веѓите и нивната соработка со новиот шеф на контраразузнавачката заедница може да остане само на формално ниво, од што најголема штета ќе има Македонија. Можеби премиерот Мицкоски ќе биде задоволен што истрајал на својот избор, но последиците за безбедносниот сектор може да бидат поразителни. А за тоа веќе има и гласини“ пишува во неговата колумна за „Независен“, Љупчо Поповски.
Тој додава дека по вчерашната елаборација на Апасиев за начинот на којшто се стекнал со дипломата Бојан Христовски на Факултетот за туризам и менаџмент и наводите, за коишто премиерот немаше добар одговор додека скролаше по телефонот, веќе ја поткопуваат министерката за образование Весна Јаневска, која веднаш би требала да испрати просветна инспекција за да провери дали некој правел криминали на овој унивезитет со испити, дипломи и други потврди.
„Апасиев во прашањето тврдеше дека на Христовски му е издадено уверението по член што не постои во статутот на универзитетот, дека печатот бил во правен промет осум месеци по згаснувањето на правното лице приватна високообразовна установа и дека дипломата не соодветствува на карактеристиките како треба да изгледа диплома. Можеби за Јаневска овие аргументи не се доволни да го испрати Просветниот инспекторат на овој универзитет. А ако се доволни и ако ги испрати инспекторите таму можат да најдат и други чуда“ пишува Поповски.
Тој додава дека изминатите неколку години кога се случуваа скандали меѓу тогашните власти се посочуваа примери од развиените западни демократии како функционери поднесуваат оставки дури и за помали политички и други прекршувања. И дека македонската демократија и политика треба да се угледува на таквото однесување.